На собраниската веб-страница може да се види дека освен оваа точка на дневен ред, која е последна, пред неа пратениците ќе треба да гласаат и за верификација на мандат на пратеници во Собранието и за предлог на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на законодавниот дом

За в петок во 11 часот е закажана собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка што денеска ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На собраниската веб-страница може да се види дека освен оваа точка на дневен ред, која е последна, пред неа пратениците ќе треба да гласаат и за верификација на мандат на пратеници во Собранието и за предлог на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на законодавниот дом.
Собранието треба дополнително да го утврди мандатот на кандидатот за пратеник на пратеничката од шестата изборна единица Имрлије Салиу-Фетаи по прегласување на неколку избирачки места на 22 мај во оваа изборна единица.

Во образложението за предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа е наведено дека целта е реорганизација на министерствата и органите на државната управа, на начин што ќе овозможи нивно правилно функционирање, непоклопување на надлежностите и соодветна линија на отчетност врз основа на претходно дефинирани показатели на успешност на работа на институциите.
Како што се наведува во предлог-законот реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел приспособување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа. Ова, како што се додава, е во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, како и на спортот.
„Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони“,
се посочува во образложението.
Неопходноста од изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се предвидува и формирање нови министерства, се наведува дека произлегува од фактот што некои органи на државната управа и управни организации, како и самостојните органи, не се функционални и не ја исполнуваат основната нивна функција, односно не функционираат за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.
Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги предложи во Собранието по скратена постапка измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со кои ќе се прави нова реорганизација на владата.
Мицкоски посочи дека уште за време на кампањата зборувале за реорганизација на ресорите во рамките на владата и ги повика сите пратеници во парламентот да ги поддржат измените на овој закон, зашто, според него, на тој начин ќе се покаже дека не живееме во стереотипи и имаме една цел – како да направиме подобро место за сите граѓани во државата.
Со овој закон се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада.
Според него, реорганизација ќе се направи на Министерството за економија, кое ќе стане министерство за економија и труд, а сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Ново ќе биде министерството за спорт, како и министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Мицкоски најави и министерство за култура и туризам, министерство за дигитализација, како и ново министерство за администрација.