Новата шема за барателите на работа, позната како „картичка на можности“, им е достапна на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата, а потребно е и познавање на германски или англиски јазик

Во Германија од денеска стапи во сила новата визна шема за олеснет влез на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија, која овозможува тие да бараат работа во таа земја ако ислопнуваат одредени критериуми, пренесува порталот Дојчланд.де.
Новата шема за барателите на работа, позната како „картичка на можности“, им е достапна на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата, а потребно е и познавање на германски или англиски јазик.
Новиот систем се базира на бодови, земајќи ги предвид на јазичните вештини, квалификациите, професионалното искуство, релевантноста за работа во Германија и личните критериуми како возраста.
Откако ќе се одобри картичката, апликантот може да влезе во Германија и да бара работа до една година, што значи дека веќе не треба да се поднесува договор со германска компанија пред да може да влезе во Германија за да работи.
Новата шема е воведена со цел да се намали бирократијата и да се скратат процедурите.
„Ние осигуруваме дека квалификуваните работници кои на нашата економија итно и се потребни со години можат да дојдат во нашата земја“,
вели министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, пренесува регионалниот сервис на Радио слободна Европа.
Новата шема е дел од сеопфатниот пакет закони во имиграциската политика со цел да се привлечат многу потребни млади работници во услови на големиот недостиг на работна сила во Германија.
На порталот на сојузната влада за стручна работа сила од странство се наведува дека ова е можност дополнително, 50 илјади луѓе од земјите од Западен Балкан да можат да добијат пристап до германскиот пазар на труд.
Првата фаза започна во ноември 2023 година и главно вклучуваше олеснување на патот до дозвола за престој позната како „сина карта на ЕУ“ и се однесуваше на признати квалификувани работници.