Иако излезеноста до 15 часот, генерално, е повисока споредено со онаа од последните избори кои се одржаа на територијата на целата земја, првиот круг од локалните избори во 2021 година, во општините каде што денеска се излезени најмал број избирачи, во 2021 имало поголем одзив
Зголемена е и разликата меѓу општината со највисок и со најнизок одзив во 15 часот, споредено со првиот круг од локалните избори во 2021 година
Пласница, според податоците за излезеноста до 15 часот на првиот круг од претседателските избори, е општината со најниска излезеност. Само 12,57% од запишаните избирачи, на обработени 99,91 од податоците, решиле да го остварат гласачкото право.
И на последните избори кои се одржаа на територијата на цела држава, првиот круг на локалните во 2021 година, Пласница имаше една од најниските излезености на крајот на изборниот ден. Но, барем во 15 часот, таа не беше меѓу 10-те општини со најнизок одзив, што значи дека имала повисок процент на излезеност.
И не е само Пласница. Во Центар Жупа, како што покажува графиконот подолу, во 2021 година во 15 часот имало одзив од 19,1%. Одзивот од 2021 е обележан со сина боја. А со портокалова е обележан одзивот на денешните претседателски избори кој изнесува 6 процентни поени помалку – само 13,11%. Иако со помали разлики, слична е состојбата и во другите општини каде што денеска има најниска излезеност – Маврово и Ростуше, Студеничани, Врапчиште… Во сите овие општини во 2021 година имало поголем одзив до 15 часот.

Од друга страна, ако се споредат бројките од општините каде што на денешните избори има највисок одзив, се забележува дека, со мали исклучоци, одзивот е поголем од минатите избори (првиот круг од локалните во 2021 година).
На пример, во Крива Паланка одзивот на овие избори до 15 часот е повисок за околу 3 процентни поени. Во Демир Капија за 1 процентен поен. Во Пробиштип и за повеќе процентни поени, ако се знае дека оваа општина не била меѓу 15-те со највисок одзив до 15 часот во 2021 година, а 15-тата општина со највисок одзив тогаш имала 44,16%. Исклучок е Општината Новаци, која и на изборите во 2021 година и сега има највисока излезеност, но сега е пониска за 1,5 процентни поени.

На крај, на минатите избори, јазот меѓу општината со највисок одзив во 15 часот (Новаци – 59,16%) и општината со најнизок одзив (Центар Жупа – 19,1%) изнесуваше околу 40 процентни поени.
На денешните избори, во 15 часот, јазот меѓу општината со највисок одзив во 15 часот (Новаци – 57,69%) и општината со најнизок одзив (Пласница – 12,57%) изнесува околу 45 процентни поени.