Цел на синоќешниот напад била критичната инфраструктура во западниот украински регион Ивано-Франковск, изјавила гувернерката Свитлана Онишчук, додавајќи дека остатоци од соборените беспилотни летала предизвикале пожари
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека ноќеска собориле 13 беспилотни летала лансирани од Русија, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на извештаите на новинските агенции Ројтерс и АФП.
Новиот напад од Русија се случува додека украинските спасувачки тимови сè уште трагаат по убиени и повредени во вчерашниот руски ракетен напад врз градот Чернихив, во кој, според последните информации, животите ги загубиле 18 лица.
Цел на синоќешниот напад била критичната инфраструктура во западниот украински регион Ивано-Франковск, изјавила гувернерката на регионот Свитлана Онишчук, додавајќи дека остатоци од соборените беспилотни летала предизвикале пожари.
Украинската државна телевизија Суспилне претходно утрово објавила дека се слушнале експлозии во регионот Ивано-Франковск, додека украинските воздухопловни сили соопштија дека руски дронови летаат над регионот.
Русија неодамна ги засили нападите врз критичната инфраструктура на Украина, предизвикувајќи значителна штета на енергетскиот систем на земјата.
Истовремено и Украина ги засили нападите врз цели во Русија во последните недели, главно насочени кон енергетската инфраструктура на земјата.
Русија, како што пренесуваат агенциите, денеска соопшти дека неутрализирала 20 беспилотни летала и два балистички проектили во областите што се граничат со Украина, меѓу кои и Ростов, каде што се наоѓа рускиот команден штаб од каде што ја води офанзивата врз Украина.
„Во текот на ноќта беа спречени неколку терористички напади на режимот во Киев“,
соопштило руското Министерство за одбрана
Во меѓувреме, по нападот на Чернихив на северот на Украина, спасувачите денеска продолжуваат со пребарување на урнатините од местото на смртоносниот руски ракетен напад.
Според украинското одделение за итни случаи, официјалниот број на загинати во нападот се искачи на 18 лица, а 77 се повредени, меѓу кои и четири деца.
По нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно апелираше до западните сојузници да испратат дополнителна помош за да може земјата да одговори на руската агресија.
„За жал, бројот на загинати може да се зголеми. Ова немаше да се случи доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако решеноста на светот да се спротивстави на рускиот терор исто така беше доволна“,
рече Зеленски вчера.