Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис Суспилна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис Суспилна.
Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
„Немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да му се спротивстави на рускиот тероризам“,
објави Зеленски на Телеграм.
Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко на Телеграм информира дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 биле повредени. Тој додаде дека спасувачките операции се во тек. Во нападот биле оштетени и четири згради, болница, образовна институција и десетици автомобили.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако.
Чернихив се наоѓа на околу 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен. Во изминатите две години често беше под руски артилериски и воздушен напад од воздух.