Од партијата побараа одговор и дали претставници на власта имаат сметки во банката, додавајќи дека се прикриваат информации за обемот на трансакциите, додека истовремено се тврди дека банката е во добра финансиска состојба
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) го обвинија гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека ја уверува јавноста оти состојбата со Алта банка е стабилна, додека граѓаните се соочуваат со проблеми при пристапот до своите средства.

Од партијата посочуваат дека експозитурите не работат, на банкоматите се чека со часови, додека компаниите можат непречено да вршат парични трансфери.
СДСМ прашува зошто гувернерот не ги објавува податоците за висината на средствата што, според нивните тврдења, поранешниот српски претседател Александар Вучиќ ги префрлил во Македонија преку Алта банка, како и дали тие пари останале во земјава или биле трансферирани понатаму.
„Зошто гувернерот крие колку пари Вучиќ префрлил во Македонија? Дали останаа тука или продолжија понатаму кон Москва? Сега, кога контролата е преземена, не можат да кажат дека не знаат“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата побараа одговор и дали претставници на власта имаат сметки во банката, додавајќи дека се прикриваат информации за обемот на трансакциите, додека истовремено се тврди дека банката е во добра финансиска состојба.
„Зошто се кријат податоците и дали Мицкоски и останатите членови на мафијата имаат свои сметки во Алта банка Кај нас сè уште се крие обемот на трансферот и се тврди дека банката е во одлична форма. Ако е така, зошто граѓаните не можат да си ги подигнат заштедите?“,
додаваат оттаму.
Во соопштението се споменува и дека во Србија се приведени лица поврзани со Алта банка и против нив се поднесени кривични пријави.
Од партијата го повикаа Обвинителството да постапи и побара институциите да ги заштитат депозитите на граѓаните, особено на пензионерите кои имаат сметки во банката.
„Славески воведува мерки за заштита на криминалните пари, наместо да ги заштити штедните влогови и парите на граѓаните, особено на пензионерите кои имаат сметки во Алта банка. Ова е заштита на капиталот на криминалците, на сметка на граѓаните чии депозити се заробени. Обвинителството мора да реагира. Дадовте заклетва дека сте во служба на граѓаните, не на оваа мафија на власт. Ќе одговарате и вие ако продолжите да ја чувате оваа банда“,
се вели во партиското соопштение.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески вчера во телевизиско гостување најави дека се подготвува посебна организација за оние граѓани што немаат платежни картички, меѓу кои има и околу 3 500 пензионери.
Најави дека тие до среда треба да бидат известени за можноста да подигнуваат готовина на шалтер.
„Ќе ја промениме одлуката само за нив, заради логистика, односно да не доаѓаат почесто, да можат да подигнат поголема сума. На пример, со едно одење на шалтер да можат да подигнат 20 000 денари, кое би покрило две недели“,
рече тој.
Посочи дека решението ќе се реализира посебно во Битола, каде што е концентриран поголем дел од штедачите на банката.
