Ваквата негова реакција доаѓа откако новинарот Боби Христов на Твитер објави дека претседателскиот кандидат одбил да биде дел од дебатата во организација на телевизија Телма. Во меѓувреме Христов го избриша својот коментар на Твитер поради, како што наведе, непристојни коментари кон ТВ Телма и соопшти дека телевизијата го продолжила рокот за изјаснување на претседателските кандидати за уште два дена
Прифаќам дебата со сите седум кандидати каде било и под кои услови, реагира претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски. Ваквата негова реакција доаѓа откако новинарот Боби Христов на Твитер објави дека претседателскиот кандидат одбил да биде дел од дебатата во организација на телевизија Телма.

„Прифаќам дебата со сите седум кандидати каде било и под какви било услови, нека дојде и Мицкоски како осми шпицен кандидат. Но, како што се изјаснив пред почетокот на кампањата, инсистирам во дебатите да бидат вклучени сите седум претседателски кандидати потврдени од Државната изборна комисија. Токму затоа, прв предложив да се одржат две големи, т.н. мастер дебати, една на почетокот на кампањата и една пред првиот круг на гласање. Дебатите беше планирано да се реализираат на неутрален терен, а пренос од истите да вршат сите национални телевизии. На дебатите седумтемина кандидати ќе имаа подеднакви услови да ја презентираат својата програма за работа“,
соопштија од изборниот штаб на Пендаровски.
Досега, додаваат оттаму, во поканите за учество на ТВ-дебата кои ги добиле од медиумите, немало информација дека сите седум кандидати ќе бидат учесници на некоја од предвидените дебати.
Во меѓувреме новинарот Боби Христов го избриша својот коментар на Твитер поради, како што наведе, непристојни коментари кон ТВ Телма и соопшти дека телевизијата го продолжила рокот за изјаснување на претседателските кандидати за уште два дена. Дебатата ќе се одржи на 19 април ако се согласат најмалку пет кандидати, додаде тој.
„Поради непристојни коментари кон ТВ Телма, претходниот статус е избришан. Ставот останува: во избори сите се еднакви. А одбивањето дебати е несоодветно, како што е непристојно предлози за мастер дабати да дава претседателски кандидат, како што се обиде Пендаровски. И небитно е кој ќе организира. Но, ако дебата нема – тоа е пред се пораз за демократијата !!! Со надеж дека изборната кампања за претседател тек,нема да заврши без највисокиот демократски чин-директно соочување на кандидатите,ТВ Телма го продолжува рокот за нивно изјаснување за уште два дена. Дебатата ќе се одржи на 19 Април ако се согласат најмалку пет кандидати“,
напиша Христов на својот Твитер профил.

Најавените мастер дебати помеѓу седумтемина претседателски кандидати, кои беа иницирани од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, нема да се одржат. За ова, на 2 април, преку писмено соопштение информираа од изборниот штаб на Пендаровски, посочувајќи дека не биле создадени услови за одржување на дебатите.
Сите седум кандидати за шеф на државата претходно, како што брифираа од тимот на Пендаровски, дале согласност за учество во двете мастер дебати кои требаше да се одржат во пресрет на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април.
„Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи“,
потсетија од изборниот штаб на Пендаровски.
Оттаму додадоа додаваат дека одржале и состаноци со одговорните лица од националните телевизии и со претставници од изборните штабови на останатите претседателски кандидати со цел, како што рекоа, да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.
„Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие ‘мастер дебати’,
нагласија од тимот на претседателскиот кандидат на СДСМ.