Нетанјаху „ќе го направи тоа што рече дека ќе го направи. Ќе го заврши“, им рече на новинарите сенаторот Џим Риш по видеоразговорот со израелскиот лидер
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порачал на американските републикански сенатори дека неговата земја ќе продолжи со напорите да ја победи палестинската терористичка група Хамас во Појасот Газа.
Нетанјаху синоќа разговарал со републиканците преку видеоврска, речиси една недела откако лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер одржа говор во кој го осуди израелскиот премиер како „пречка за мирот“ и повика на нови избори во Израел.
Нетанјаху „ќе го направи тоа што рече дека ќе го направи. Ќе го заврши“, им рече на новинарите сенаторот Џим Риш по видеоразговорот со израелскиот лидер.
„Побаравме од него актуелни информации за војната, за ослободувањето на заложниците и за напорите да се победи Хамас. Му рековме дека Израел има целосно право да се брани, а тој посочи дека токму тоа ќе продолжат да го прават“,
истакна сенаторот Џон Барасо.
Како што објави вчера „Гардијан“, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е решен да ја спроведе копнената офанзива на градот Рафах, на југот на Газа, каде што прибежиште најдоа голем број раселени Палестинци, и покрај несогласувањето од страна на американскиот претседател Џо Бајден.
Нетанјаху вчера пред пратениците во израелскиот парламент (Кнесет) рекол дека јасно му кажал на претседателот на САД оти Израел е решен да ја заврши елиминацијата на баталјоните на Хамас во Рафах и дека нема друг начин тоа да се направи освен со влегување на терен.
По разговорот меѓу двајцата лидери во понеделникот, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека САД сметаат оти копнен напад врз Рафах би бил грешка и дека Израел може да ги постигне своите воени цели и со други средства.
