Ахмети во своето обраќање по потпишувањето на договорот за заеднички изборен настап со Народното движење на Реџепи-Зејд рече дека во тек се разговорите и со други политички партии за приклучување кон „Европскиот фронт“, меѓу кои ги спомена Алијанса на Албанците, ДПА на Мендух Тачи и Европската народна партија на Аријанит Хоџа, кој летово се оддели од Беса на Билал Касами
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска го започна официјализирањето на предизборната коалиција под името „Европски фронт“. Прва партија што стави потпис за приклучување кон „Европскиот фронт“ е Народното движење предводено од Скендер Реџепи-Зејд, кој до 2022 година беше член и пратеник од партијата на Африм Гаши, Алтернатива, која откако ја напушти дејствуваше како независен пратеник, а лани формира нов политички субјект.

На потпишувањето на договорот за заеднички предизборен настап на ДУИ и Народното движење му претходеа звуците на неформалната химна на Европската Унија – „Ода на радоста“ од Бетовеновата 9. симфонија. На настанот присуствуваа техничкиот премиер од редовите на ДУИ, Талат Џафери, министри во Владата, како и актуелниот шеф на дипломатијата и кандидатот на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи.
Ахмети во своето обраќање рече дека формирањето на овој фронт било неопходно бидејќи големите работи не се прават сами.
„Зошто овој фронт треба да биде изграден во 2024 година? Затоа што се времиња кои го бараат ова обединување, ова обединување на Албанците од Северна Македонија, бидејќи работите во глобалната политичка сцена одат наопаку. Немаме ништо против другите политичките партии, да живеат, но тие немаат капацитет да се соочат со овие работи што се случуваат кај нас и околу нас, затоа ова обединување е неопходно, не само за Албанците туку и за Турците, Бошњаците и Ромите“.
рече Ахмети.
Ахмети по потпишувањето додаде дека во тек се разговорите и со други политички партии за приклучување кон „Европскиот фронт“.
„Разговараме со сите, и со Алијанса за Албанците, со г. (Мендух) Тачи (лидер на ДПА н.з.), со г. Аријанит Хоџа (лидер на Европска демократска партија н.з.) , со турски, бошњачки и ромски партии да се приклучат на овој фронт“.
кажа Ахмети.
Говорејќи за Европскиот фронт, лидерот на ДУИ рече дека С Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија затоа што не само земјава, туку и регионот има потреба од повеќе мир, поголема стабилност и подобра иднина. Работите што се случуваат околу нас и далеку од нас, а кои не одат во прилог и се во спротивност со ваквата агенда, Ахмети рече дека имаат едно име – Русија.
„Не случајно се договоривме со Скендер Реџепи – ’да’ за Европа и ’не’ за Русија. Русија не е нешто што треба да се запостави, бидејќи е веќе во нашата земја, основала партии во нашата земја, има медиуми во нашата земја, основала милитанти во нашата земја кои сакаат да ни го попречат патот за кој сме силно определени, а тоа е мирен Балкан, Балкан кој освен во НАТО ќе биде во Европската Унија“,
рече лидерот на ДУИ.

Тој повика на масовна мобилизација за првиот круг од претседателските избори, како и за 8 мај, за кога е закажан вториот круг од овој изборен циклус, заедно со парламентарните избори, кои како што кажа Ахмети ќе бидат референдум за тоа дали ќе одиме напред или ќе одиме назад.
Претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи, потпишувањето на договорот со ДУИ за заеднички настап на изборите го оцени како историски ден.
„Денес е историски ден. Денеска се отвора ново поглавје наречено „Европски фронт“. Овој фронт ќе биде носител на промените. Овој фронт ќе биде добар знак затоа што нашето општество ќе биде на добар европски пат. Овој фронт е иницијатива која ќе докаже дека нашите цели носат работа и само работа. Промената ја прават оние кои знаат да се постројат на вистинското место во вистинско време и со вистинска изборна програма“
рече Реџепи.

Европскиот фронт, рече тој, ќе докаже дека има капацитет да победи на изборите.
„Секој тим има своја вредност, но да бидеш во суперлигата е сепак нешто. Верувам дека ќе ни се приклучат и другите субјекти и невладини организации бидејќи овој Европски фронт ќе биде сведок на нашите успеси во иднина“,
порача Скендер Реџепи-Зејд.