Независните кандидати, како што велат во денешното соопштение, „на подмолен начин и без консултации и јавна расправа, спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик, со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво“

Група независни активисти и членови на совети реагираат на измените на Изборниот законик кои минатата недела беа донесени во Собранието по скратена постапка, а предвидуваат измени што влијаат на потенцијалното учество на независни кандидати во наредните изборни процеси. Со измените, наместо 1 000 потписи од регистрираните избирачи во конкретната изборна единица, претендентите за пратеничката функција ќе треба да обезбедат најмалку еден отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во изборната единица каде што се кандидираат.
Независните кандидати, како што велат во денешното соопштение, „на подмолен начин и без консултации и јавна расправа, спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик, со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво“.
„Поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите други, измените го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1 000 потписи на еден отсто од запишаните избирачи“,
се додава во соопштението.
Оттаму потсетуваат дека ваква измена, истиот овој парламентарен состав, се обидел да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување голем дел од новите независни кандидати, но обидот бил блокиран од голем број амандмани.
Групата независни активисти и членови на совети низ Македонија бараат веднаш да се отстранат, како што велат, апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори.
„Да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидат, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список“,
се барањата кои се наведени во реакцијата.
Овие измени, додаваат независните, да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата недела беа направени измените за блокирање на независните кандидати.
Независните кандидати во реакцијата го наведуваат и точниот број потписи што ќе треба да го соберат во секоја Изборна единица.
„Во Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1 000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3 372 потписа за да поднесат независна листа. Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2 408 потписи, за ИЕ 3 – 3 005, за ИЕ 4 – 2 945, за ИЕ 5 – 3 395 и за ИЕ 6 – 2 486 потписи“,
се додава во соопштението.
Овие измени, додаваат во реакцијата, ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.
„На последните локални избори во 2021 година, во град Скопје запишани избирачи биле 467 373, од кои гласале 229 531. Ако ги земеме изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4 611 гласа, произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4 674 потписи“,
се вели во реакцијата.
Уште еден илустративен пример за дискриминаторската политика кон независните, велат оттаму, е фактот што за регистрација на политичка партија се потребни 1 000 потписи и таа одредба не е променета.
За независните дополнителен проблем е и начинот на отежнато собирање на потписите преку канцелариите на ДИК, за што велат дека останува и со новите измени.
„Меѓународните норми и препораки велат дека не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите. Независните и досега се соочуваа со дискриминаторски методи преточени во законски одредби или наследени пракси од институциите. Партиите што доминираат на политичката сцена од одамна наликуваат на трговски друштва што на изборите не гледаат како на можност за победа на мерки и политики кон унапредување на животот на граѓаните, туку како на шанса за заграбување што поголем дел од ресурсите на Македонија за партиски цели“,
се додава во реакцијата.
Со последните измени, додаваат оттаму, политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи.
„На ваков начин во Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е скроен да нема никаква алтернативна опција. Иако навидум лути непријатели, партиите и од власта и од опозицијата се во совршено хармонични односи и веднаш наоѓаат заеднички јазик кога треба да го одбранат нивниот ’терен’ на влијание“,
се наведува во реакцијата.
Во реакцијата се потпишани скопските Независни за Карпош – За заштита на Карпош, Зелен хуман град, Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Подобро за Тетово, Поинаку од Битола, Стига е од Струмица и Стига е – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина од Босилово, Ново Село.