Портпаролката на Европската комисија задолжена за проширување, Ана Писонеро, вели дека Брисел очекува дека преговарачката рамка за Северна Македонија ќе може да биде презентирана во јуни.
Писонеро во изјава за МИА повтори дека Европската комисија работи на подготовка на оваа преговарачка рамка уште кога во март земјите членки дадоа „зелено светло“ за старт на преговорите за членство.
Преговарачката рамка ги содржи начелата врз кои треба да се одвиваат преговорите помеѓу двете страни и откако ќе биде готова, таа треба да биде одобрена од сите земји членки на Унијата.
Оптимистичкото сценарио е, доколку Европската комисија ја презентира оваа рамка во јуни, некаде наесен таа да биде одобрена од страна на земјите членки, доколку тие ги усогласат своите позиции, по што би можело да се одржи првата меѓувладина конференција, односно отворањето на првото поглавје за Северна Македонија до крајот на оваа година.
Од 1 јули годинава стартува германското претседателство со ЕУ, кое се очекува да го задржи фокусот врз Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.
Европската комисија се очекува да ги презентира преговарачките рамки и за Македонија и Албанија истовремено, но државите членки на ЕУ уште во март поставија серија дополнителни услови за Тирана, поради што неизвесно е како ќе постапат во однос на евентуално „одвојување“ од Албанија.
