Акцијата под кодно име „Чибук“ беше спроведена вчера со претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга и во прилепскиот затвор
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска отвори истрага против десет лица кои беа предмет на вчерашната акција на МВР, а се товарат дека организирано набавувале и продавале марихуана.

За осуммина од осомничените, кои се уапсени, Обвинителството бара да им биде одредена мерка притвор поради опасност од бегство и други околности повразни со истрагата. Останатите двајца од групата во моментот се наоѓаат на издржување на затворски казни во казнено-поправната установа во Прилеп.
Сите осомничени како што соопштија денеска од Обвинителството се товарат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 став 3 до Кривичниот законик.
Акцијата под кодно име „Чибук“, беше спроведена вчера со претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга и во прилепскиот затвор.
„Притоа беа приведени 8 лица и пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакумирани ќеси со наркотична дрога марихуана во количина од 99 килограми и 630 грама“,
се наведува во денешното соопштение на Обвинителството.
Оттаму споделија и повеќе детали во врска со акцијата, посочувајќи дека таа е резултат на повеќемесечна предистражна постапка.
Имено, според Обвинителството, осомничените во периодот од октомври 2023 до март оваа година, делувајќи како група купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на марихуана.
„Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица“,
се наведува во соопштението.