Од Министерството посочуваат дека почитувањето на меѓународното и хуманитарно право е приоритет и повикуваат на заштита на цивилите и непречена испорака на хуманитарната помош
Според последните информации, во инцидентот загинале најмалку 112 Палестинци, а 760 се повредени додека очајнички се обидувале да дојдат до камионите со храна во југозападниот дел на градот Газа
Министерството за надворешни работи на земјава го осуди нападот во кој над 100 лица загинале, а повеќе од 700 се повредени додека чекале околу камионите за храна во Појасот Газа.
Ваквиот чин од Министерството го оценија како сериозно кршење на меѓународното право и повикуваат на заштита на цивилите.
„Министерството за надворешни работи најостро го осудува нападот во Газа, кој однесе животи на голем број невини луѓе додека чекаа за храна околу камионите за хуманитарна храна. Ваквиот чин претставува сериозно кршење на меѓународното право. Повикуваме за заштита на цивилите и непречена испорака на хуманитарната помош“,
се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Оттаму посочуваат дека почитувањето на меѓународното и хуманитарно право е приоритет, а цивилите мора да бидат заштитени по секоја цена.
Засега сè уште има нејаснотии што го предизвикало масакрот, во кој според последните информации загинале најмалку 112 Палестинци, а 760 се повредени додека очајнички се обидувале да ја добијат потребната помош. Според извештаите на светските агенции, толпа луѓе тргнала кон колоната камиони на крајбрежниот пат југозападно од градот Газа, во присуство на израелски тенкови.
Израелската армија тврди дека тенковите испукале предупредувачки истрели, но не го погодиле конвојот, додека пак според сведочењата на некои Палестинци војниците пукале директно во нив. Палестински сведок за Би-би-си изјави дека повеќето од загинатите биле прегазени додека камионите се обидувале да се пробијат напред. камионџиите се обидувале да се пробијат напред.
Израелските снимки од воздух покажуваат стотици луѓе околу камионите, додека видеа објавени на интернет покажуваат како тела се товарат во испразнети камиони со помош и колички влечени од магариња.
Министерството за здравство на Газа управувано од Хамас го обвини Израел за масакр, а во меѓувреме Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) закажа вонреден состанок зад затворени врати на кој треба да се разговара за инцидентот.
Осуда за нападот стигна од повеќе земји и светски хуманитарни организации. Франција рече дека „отворањето оган од израелски војници врз цивили кои се обидуваат да добијат храна е неоправдано“. Американскиот претседател Џо Бајден изрази загриженост дека инцидентот може да ги искомплицира напорите на посредниците кои се обидуваат да обезбедат примирје во војната меѓу Израел и Хамас.
Организацијата Лекари без граници објави дека е „згрозена“ и повика на „итен и одржлив прекин на огнот“. Инцидентот се случи неколку часа пред Министерството за здравство на Газа да објави дека повеќе од 30 000 луѓе, вклучувајќи 21 000 деца и жени, биле убиени во Газа од почетокот на актуелниот конфликт на 7 октомври.
Инцидентот во четвртокот се случил непосредно по 04:45 часот по локално време на кружниот тек Набулси, на југозападниот раб на градот Газа. Конвој од 30 камиони со египетска помош се движел на север по она што израелските одбранбени сили (ИДФ) го опишаа како „хуманитарен коридор“.
Конвојот бил опколен од цивили, а луѓето почнале да се качуваат на камионите.
„Некои почнаа насилно да туркаат, па дури и да ги газат другите жители на Газа до смрт, ограбувајќи ги хуманитарните резерви. Немилиот инцидент резултираше со десетици убиени и повредени луѓе од Газа“,
изјави главниот портпарол на ИДФ, контраадмирал Даниел Хагари.
Тој истакна дека израелските тенкови внимателно се обиделе да ја растераат толпата со неколку предупредувачки истрели, но се повлекле кога работите излегле од контрола.
Друг портпарол на ИДФ истакна дека некои цивили им пришле на израелските војници на блискиот контролен пункт игнорирајќи ги предупредувачките истрели. Тој призна дека војниците од страв пукале во цивили. Палестински сведок, зборувајќи за Би-би-си, ја опишал паниката на толпата и меѓу возачите, кои се обиделе да се движат напред. Тој тврди дека повеќето од жртвите биле прегазени.
Хамас го отфрли извештајот на ИДФ, повикувајќи се на „непобитни“ докази за „директен оган врз цивили, вклучително и истрели во глава“. Десетици жртви во критична или сериозна состојба биле донесени во блиската болница „Ал Шифа“ во градот Газа, каде што лекарите не биле во можност да се справат со огромниот број пациенти и сериозноста на случаите.