„Следната сабота ќе имаме конвенција за избор, јас би рекол, на идниот претседател на Македонија, а тоа е професорката Гордана Силјановска-Давкова“, рече Мицкоски за време на денешниот престој во Битола
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека на конвенцијата за избор на претседателски кандидат од нивната партија, која ќе се одржи следната сабота, ќе биде избран идниот шеф на државата.
„Следната сабота ќе имаме конвенција за избор, јас би рекол, на идниот претседател на Македонија, а тоа е професорката Гордана Силјановска-Давкова“,
рече Мицкоски за време на денешниот престој во Битола, каде што се одржа дебатата „Енергетска платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во енергетиката“.
Мицкоски рече дека Силјановска-Давкова пред Државната изборна комисија ќе биде предложена со потписи од пратениците, но и со потписи од граѓаните.
„Бидејќи законскиот услов е кандидатурата да се поднесе на два начина, односно со собирање граѓански потписи или со доставување предлог со потписи од пратеници, којшто ние го исполнуваме, јас сакам, бидејќи сега гледам некои собираат потписи од опозицијата на опозицијата и да глумат опозиција на опозицијата, за што ќе добијат потписи од СДСМ и ДУИ, да ги замолам битолчани на 3 март, следната недела заеднички да собереме рекорден број потписи за идниот претседател Гордана Силјановска-Давкова. Поддршката со потписи на пратениците, заедно со потписите од граѓаните ќе ги приложиме во Државната изборна комисија за идниот претседател на Македонија, а тоа е професорката Гордана Силјановска-Давкова“,
рече Мицкоски.
Универзитетската професорка и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова пред три дена ја обзнани одлуката да поднесе кандидатура за претседател на државата до ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека е време за женска димензија во политиката.
Таа рече дека ѝ требало долго време за да ја донесе одлуката, но дека од објективни и од субјективни причини се решила повторно да влезе во трката за избор на шеф на државата.