Министерот за внатрешни работи вели дека Обвинителството ја прифатило кривичната пријава против Максим Димитриевски, кој, пак, очекува против него да се води прекршочна постапка
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вечерва потврди дека е поднесена кривична пријава против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Обвинителството, како што рече, ја прифатило пријавата.
Чулев, за ТВ 24, информира дека СВР – Куманово ја поднел пријавата против Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик, истакнувајќи дека МВР постапило согласно извештајот од ДЗСИ.
„Во координација со основниот јавен обвинител ,во текот на денешниот ден беше поднесена кривична пријава против градоначалникот Максим Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик од страна на СВР Куманово до основниот јавен обвинител кој ја прифати пријавата. МВР постапи согласно извештајот од ДЗСИ и согласно тоа СВР – Куманово поднесе кривична пријава до ОЈО. Сега ОЈО треба да даде дополнителни насоки, доколку ние треба да ги реализираме,“
рече Чулев, појаснувајќи дека известувањето било доставно до Бирото за јавна безбедност, а веднаш потоа било процесуирано до СВР Куманово.
По правило, рече Чулев, може да се поднесе известување и до БЈБ и до министерот за внатрешни работи и логично би било да биде поднесено и до двете страни. Меѓутоа, додаде, доволно е и едно, така решил ДЗСИ.
„Случајот со градоначалникот на Куманово според мене има и одредена политичка димензија“,
рече Чулев, оценувајќи дека градоначалникот Димитриевски ја испочитувал процедурата за тестирањето.
Димитриевски, пак, појасни вечерва за ТВ 24 дека нема информации дека Обвинителството ја прифатило кривичната пријава. Според него, дадени се насоки пријавата да не се процесуира како кривична, туку да се оди со прекршочна постапка.