Партискиот портпарол прашува кој го следи лидерот на опозицијата и бара одговорност за тоа
ВМРО-ДПМНЕ бара јавно извинување од СДСМ, откако министерот за внатрешни работи Наќе Чулев соопшти преку фејсбук дека снимката од теретана на која се гледа Христијан Мицкоски, во придружба на актуелниот командир на полициската единица “Тигар” како негов телохранител, била од лани, а не од периодот на епидемијата со ковид-19.
„Денес како меур се распрсна лагата креирана од СДСМ фалсификаторска. Институционалната истрага на МВР, преземајќи ги сите протоколи, потврди дека оваа снимка е од пред повеќе од половина година и дека се е согласно со законот. Значи СДСМ фалсификаторска свесно ги лажела и манипулирала граѓаните. Вклучително и новиот портпарол за лаги и фаслификати во СДСМ, поранешната пратеничка Снежана Калеска Ванчева“,
изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој, исто така, обвини дека некој го следи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавно прашуваме и бараме да се истражи до крај кој го следи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ја загрозува неговата безбедност. Бараме да се најдат нарачателите на следењето и, бидејќи слободата на човекот е право загарантирано со Уставот, бараме тие да одговараат пред институциите соодветно. Бараме кривична одговорност за сите инволвирани во оваа хајка и за нарушување на безбедноста“,
вели Арсовски.
*поврзана веста: Петровска: МВР сè уште не утврди од кога потекнува снимката со Мицкоски во теретата