Националниот празник Денот на Кралот на Холандија денеска во Скопје беше симболично одбележан со подарување на лалиња и книги од холандски автори за најизложените во борбата против коронавирусот, а тоа се медицинските работници и пациентите.
Амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, заедно со министерот на надворешни работи Никола Димитров и заменик-министерот за здравство Арменд Арслани, подари 1 100 лалиња и стотина книги од холандски автори преведени на македонски и на албански јазик.

„Вообичаено, сега ќе го славевме Денот на Кралот со голема забава. Но, очигледно е дека оваа година не можеме. Затоа, решивме да направиме симболичен гест по повод нашиот национален ден. Ги купивме сите лалиња што успеавме да ги најдеме во земјава и успеавме да најдеме 1 100 лалиња. Купивме и книги од холандски автори кои се преведени на македонски и албански јазик, приближно стотина“,
рече холандскиот амбасадор Јан Коп.
Тој додаде дека лалињата ќе им ги подарат на вработените во здравствениот сектор, на клиниките и во Институтот за јавно здравје, како и на пациентите со коронавирус.
„Овој е гест е во знак на почит за напорната работа и несебичното залагање на здравствените работници во Северна Македонија“,
рече амбасадорот.
Димитров рече дека холандските пријатели преку креативност им оддаваат почит на најизложените во ситуацијата со коронавирусот.
„Тука сме во знакот на Холандија, лалето е симбол на нашите холандски пријатели. Јас и амбасадорот дојдовме со велосипеди. По повод националниот празник Денот на Кралот на Холандија, нашите креативни пријатели од Амбасадата успеале да соберат 1 100 лалиња и да ги подарат во знак на почит и поддршка на нашите јунаци. Тоа се оние кои се најизложени, кои пожртвувано се борат против коронавирусот, докторите, медицинските сестри, здравствените работници, но и пациентите“,
рече Димитров.

Заменик-министерот за здравство Арменд Арслани изрази благодарност до Холандија што постојано дава помош за земјава.
„Кралството Холандија постојано, во континуитет му дава поддршка на нашиот здравствен систем. И на овој ден, кој е посебен за Холандија, нас нѐ обединува заедничката мисла, цел за справување со оваа ситуација“,
додаде Арслани.
