Двете момчиња, кои тепаа девојка во влез на станбена зграда во Штип, а насилството го снимаа со мобилниот телефон, денеска пред судот изразиле каење и признале вина за стореното дело, пренесува МИА.
Нивниот бранител Валентин Зафиров по денешното судско рочиште во штипскиот Основен суд истакна дека имале фер судење, а очекува и фер пресуда. Неговите клиенти се спремни и да ја обесштетат оштетената, а ветиле и во иднина дека нема да прават вакви или слични кривични дела.
„Се случило во момент на недоразбирање. Свесни се за последиците. Тоа е тоа, праќаат јасна порака дека во иднина ниту тие ќе прават такво нешто ниту би посакале кој било друг да го прави тоа“,
вели Зафиров.
Тој се надева дека притисокот од јавноста за овој случај нема да влијае, а судијата одлуката ќе ја донесе во рамките на она што се случувало во судницата.
Бранителката, пак, на жртвата Билјана Андонова по денешното судско рочиште рече дека очекувано било обвинетите да признаат вина, а во вакви услови, согласно Кривичниот законик, не се изведуваат докази. Најави дека на 30 април е веќе и закажано рочиште за објавување на пресудата. Андонова очекува строга казна без оглед на тоа што обвинетите ја признале вината.
„Согласно Конвенцијата на Советот на Европа или многу повеќе позната во јавноста како Истанбулска конвенција се предвидени отежнувачки околности во вакви случаи, посебно ако се има предвид дека цела јавност беше вклучена во овој спор и се вклучи во одбрана на жртвата. Станува збор за жена, односно девојка, така што очекуваме висока казна, без оглед на олеснителната околност што обвинетите признаа вина“,
вели Андонова.
Прашана во каква состојба е девојката, таа истакна дека не сака дополнително да ја виктамизира девојката, но е во лоша состојба, а од страна на НВО ЕХО од Штип ѝ е дадена целосната поддршка.
Настанот се случи во јануари, но видеоснимката беше објавена на социјалните мрежи на 2 април, по што полицијата веднаш ги лоцираше момчињата, а судот во два наврата на барање на обвинителот им определи мерка притвор.
Пресудата за сторителите на кривичното дело насилство ќе биде објавена в четврток, а казната затвор за ваквите дела се движи од шест месеци до пет години.