Манолева јавно ја повика дополнителната заменик-министерка за финансии да го одблокира процесот и да ги потпише документите за вработување на овие лица во здравството и посочи дека одлуката за нивно вработување е една од мерките за задржување на младиот и стручен кадар во земјава
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева денеска обвини дека дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова, која е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го блокира процесот на вработување на 1 117 лица во здравствениот сектор – одлука која во декември лани беше донесена од Владата на предлог на министерствата за здравство и финансии. Се работи за лица кои досега имале договори на дело, а со владината одлука се предложи нивно вработување на неопределено време.
„Но, овие вработувања се блокирани од страна на дополнителната заменик-министерка за финансии, Елена Петрова, само неколку дена пред изборите, без посебна причина, без тронка одговорност кон вработените во здравствените установи и без тронка грижа кон пациентите на кои им е потребна професионална грижа и нега. Ова не може да се дозволи! Ова не само што е неодговорно, туку е и опасно за нашето здравство, за граѓаните и за вработените во здравствениот систем“,
пишува Манолева на Фејсбук.
Во фејсбук-обајавата, заменик-министерката за здравство вели дека младите доктори и македонското здравство не се тема на политика. Додава дека ваков тип на блокади досега немало и оти ова не смее да стане политичка пракса зашто, како што вели, унапредувањето на здравството не смее да зависи од несовесното однесување на поединци.
Манолева јавно ја повика дополнителната заменик-министерка за финансии да го одблокира процесот и да ги потпише документите за вработување на овие лица во здравството.
„Никој, а посебно не функционери во извршната власт, не смеат да играат со судбината на 1 117 млади здравствени работници и да претставуваат главна пречка во работата на здравствените установи. Ние не можеме и не смееме да дозволиме ваквите политички игри да ја стават под ризик работата на здравствените работници. Нашите доктори докажаа дека тука можат да изведуваат софистицирани интервенции, од најсложени операции до трансплантации коишто во минатото ги немало“,
додава Манолева.
Манолева јавно ја повика дополнителната заменик-министерка за финансии да го одблокира процесот и да ги потпише документите за вработување на овие лица во здравството, посочувајќи дека одлуката за нивно вработување е една од мерките за задржување на младиот и стручен кадар во земјава.