Стратегијата за борба против ширењето на ковид-19 даваат резултати со повеќе оздравени отколку новозаразени, вели техничкиот премиер Оливер Спасовски во интервју на Федералната телевизија на Босна и Херцеговина.
„Тоа е резултат на дисциплината на граѓаните кои ги прифатија мерките како неопходни, потоа на исклучителната посветеност на здравствените работници, на вработените во МВР и во Армијата, кои во овој период се на висината на задачата, мерките да се спроведуваат максимално дисциплинирано“,
изјави Спасовски.
Според него, земјите успеале да го положат тестот за регионална соработка, посочувајќи ги хуманитарните коридори за враќање на граѓаните затекнати во други држави.
Едно од прашањата во емисијата беше и мигрантската криза за која Спасовски потсети дека Македонија зазеде став да не дозволи влез на мигранти на својата територија и дека ќе спроведува политика на нула толеранција во однос на евентуалните обиди мигрантите да ја преминат границата.
„Без разлика на корона-кризата, ја следиме внимателно и таа ситуација, но главно нема разлика во однос на нашиот став. Во однос на мигрантската криза, Северна Македонија ја градеше својата политика на две основи – едната е европската политика во делот со справувањето со мигранти, а другата е регионалната соработка, односно политика која е заедничка со земјите од регионот“,
порача Спасовски.