Заинтересираните кандидати за учество на конвенцијата треба да ги исполнуваат уставно предвидените обврски и услови содржани во членот 80 за кандидирање за кандидат за претседател на државата и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние поединци кои сметаат дека се потенцијален кандидат треба да добијат поддршка од најмалку 30 делегати, кои се претходно изгласани од Централниот комитет на партијата и објавени на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ
Кандидатот кој ќе биде претходно пријавен и ќе ги исполни пропишаните услови, според огласот, ќе биде одбран на конвенција која ќе се одржи на 2 март во Скопје, согласно одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ денеска распиша јавен повик за избор на кандидат на претседател на Република Македонија, кој ќе биде поддржан од партијата на претстојните претседателски избори, кои треба да се одржат на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг). Со тоа, како што пишува во јавниот повик објавен на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ќе го одбере најмотивираниот кандидат за претседател на државата, кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните претседателски избори 2024 година.

„Кандидатот кој ќе биде претходно пријавен и ќе ги исполни пропишаните услови, според огласот, ќе биде одбран на конвенција која ќе се одржи на 2 март во Скопје, согласно одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“,
се вели во објавениот оглас.
ВМРО-ДПМНЕ, како што пишува во огласот, врз основа на членовите 38, 40, 41 и 42 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, како и заклучоците донесени на седницата на Извршниот комитет од 5 декември 2023 година, распишува јавен повик за кандидат за претседател на Република Македонија кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори.

„Заинтересираните кандидати за учество на Конвенцијата треба да ги исполнуваат уставно предвидените обврски и услови содржани во членот 80 за кандидирање за кандидат за претседател на државата и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние поединци, кои сметаат дека се потенцијален кандидат треба да добијат поддршка од најмалку 30 делегати, кои се претходно изгласани од Централниот Комитет на партијата и објавени на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ“,
пишува во огласот.
Според огласот, кандидатите треба да поднесат програма и план за работа кои ќе бидат разгледани од страна на работните тела на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Република Македонија.
„Кандидатите треба да ги поднесат документите најдоцна до 21.02.2024 година до 17:00 часот, во просториите на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, плоштад ВМРО-ДПМНЕ, Палата „Д-р Христо Татарчев“ (плоштад ВМРО бр.1) во Скопје,
се вели во огласот.
На крајот од огласот се вели дека ВМРО-ДПМНЕ со идниот кандидат за претседател на Република Македонија, ќе ја порази оваа власт.
„Македонија заслужува да има претседател кој активно ќе ги штити државните и национални интереси на сите граѓани и ќе ја претставува достоинствено државата пред Европа и светот“,
пишува во огласот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пред неколку месеци, прашан дали во партијата е почната внатрепартиската постапка за избор на кандидат за претседател, рече дека кој ќе биде нивниот фаворит официјално ќе биде познато на почетокот на оваа година.
„Официјална постапка ќе биде на почетокот на месец јануари затоа што очекувам дека некаде втората половина на март, првата половина на април или пак во април е редовниот рок кога би се случувале тие претседателски избори. Инаку, официјалниот дел во ВМРО-ДПМНЕ, партиската конвенција за избор на претседателски кандидат би се случувала некаде крајот на јануари, почетокот на февруари и тогаш веќе би имале појасна слика“,
изјави Мицкоски.
Надоврзувајќи се на темата, тој рече дека неофицијално во ВМРО-ДПМНЕ „мериме многу имиња“ и дека во партијата дошле многумина кои изразиле желба да бидат поддржани од партијата за претседателски кандидат.
Според Мицкоски досега се искристализирале 22 имиња, но во периодот што следува тој список ќе биде намален.
„Десетици имаше такви. Некаде околу 22 имиња се искристализираа во таа постапка за мерење. Тоа го правиме веќе неколку месеци. Тој список ќе биде намален во периодот што следи и очекуваме да имаме јасна претстава кој кандидат ќе биде идниот претседател на Македонија, бидејќи јас сум убеден, а тоа го говори и јавното мислење дека претседателскиот кандидат којшто ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во однос на претседателскиот кандидат на СДСМ во првиот круг ќе има најмалку 100 000 гласа предност“,
рече Мицкоски.
Пратеничката и професорка по уставно право Гордана Силјановска-Давкова и поранешниот пратеник и професор по уставно право Александар Спасеновски се две од имињата што изминатите месеци во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вртат како можни претседателски кандидати на изборите што треба да се одржат следната година.
Двајцата универзитетски професори од катедрата на Правниот факултет, Силјановска-Давкова, која сега е во пензија, но е актуелен пратеник во Собранието и Спасеновски, поранешен пратеник во парламентот, сега актуелен универзитетски професор, веројатно се дел од листата со 22 имиња за кои партијата го мери рејтингот како потенцијални кандидати за иден претседател на државата.
Пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска-Давкова пред неколку дена во интервју за Канал 5 рече дека се уште не одлучила дали по втор пат ќе се кандидира за претседател на државата на претстојните избори.
„Во главата имам слика што треба да прави еден претседател. За жал, малкумина го правеле тоа што можат“,
рече Силјановска-Давкова.
Според неа, постојат многу причини зошто резултатот од претходните претседателски избори би бил различен од оној во 2019 година, ако спроти неа за кандидат се најде повторно сегашниот претседател Стево Пендаровски.
Универзитетскиот професор и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски на почетокот на годинава во интервју за весникот „Коха“ рече дека може да потврди дека повеќе месеци наназад неговото име е дел од анкетите што се прават во ВМРО-ДПМНЕ поврзани со евентуалната моја претседателска номинација.
„Како што и самата партија потврди во повеќе наврати, на почетната листа од 20-ина личности се наоѓа и моето име, а во меѓувреме таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име“,
рече тој.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е неспорниот победник на следните парламентарни избори.
„Тоа е факт кој никој не го спори. Она што е непознато е големината на таа победа од која ќе зависат следните потези во однос на коалицирањата. Тука, пак, сакам да истакнам дека изминатите години ВМРО-ДПМНЕ трпеливо го подобрува својот коалициски капацитет, имиџ и односи со албанските партии“,
посочува универзитетскиот професор.
Лидерите на парламентарните партии на 4 декември минатата година постигнаа договор за датумите за претседателските и парламентарните избори.
Првиот круг од трката за шеф на државата ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде заедно со парламентарните избори на 8 мај.
И 24 април и 8 мај 2024 г. се ден среда.