Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, вечерва во интервју за ТВ 24 не ја исклучи можноста до крајот на изборниот процес да има нови имиња од државата на американската „црна листа“
Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение, соопштија вечерва од Владата.

Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.
„Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата Влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од Владата.
На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Тогаш била донесена и одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на закон со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции.
Откако американската „црна листа“ минатата година се прошири со неколку имиња на бизнисмени, поранешни и актуелни функционери од земјава, неодамна беа предложени законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава.
Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска овие законски измени ги најави на 23 ноември во телевизиско интервју, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев.
На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД.
На т.н. „црна листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓучев и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, вечерва во интервју за ТВ 24 не ја исклучи можноста до крајот на изборниот процес да има нови имиња од државата на американската „црна листа“.
Потенцираше дека се разгледуваат голем број нимиња и дека се прават проценки.
„Не знам дали ќе има нови имиња пред 9 мај. Но, постојат шанси да има. Можам да кажам дека голем број на имиња се разгледуваат и дека проценките се прават“,
рече таа.