„Не знам дали ќе има нови имиња пред 9 мај. Но, постојат шанси да има. Можам да кажам дека голем број на имиња се разгледуваат и дека проценките се прават“, вели амбасадорката на САД во интервју за ТВ 24
Агелер порачува дека „ништо нема да се постигне со негласање и останување дома“. „Знам дека има многу гласачи во земјава кои велат дека нема да гласаат, но тоа не е вистинскиот одговор“, смета американската амбасадорка
Корупцијата е рак кој го спречува напредокот во оваа земја, рече американската амбасадорка Анџела Агелер во вечерашното интервју за ТВ 24, одговарајќи на прашањето како се случи САД да бидат предводници на битката со корупцијата во Северна Македонија. Токму корупцијата, според неа, е една од најголемите грижи на оваа земја.

Во интервјуто таа не ја исклучува можноста до крајот на изборниот процес да има нови имиња од државата на американската „црна листа“. Потенцираше дека се разгледуваат голем број нимиња и дека се прават проценки.
„Нашата работа, партнерствата, активностите, програмите, системите кои ги градиме се врз приоритете кои ги делиме со оваа земја и овие граѓани. Пред да дојдам тука, пред Сенатот да го потврди моето назначување, со оглед дека имам тука и многу пријатели, слушнав за големите грижи во врска со корупцијата. Истото важи и за американските амбасадори пред мене. Причината зошто јас зборувам за тоа, зошто мојот тим зборува за тоа, зошто во САД се зборува за тоа, зошто политичките лидери во Вашингтон зборуваат за тоа, е затоа што секојдневно слушаме за тој проблем. Искрено, тоа е како рак кој го спречува напредокот во оваа земја. Мора да зборуваме за тоа. Граѓаните на оваа земја заслужуваат да имаат лидери, политичари и функционери во здравството, образованието, во судството и да работат за нив на транспарентен начин. И да ги казнат тие што не ги почитуваат правилата, кои преземаат коруптивни активности за нивна корист“,
вели таа.
На новинарска констатација дека во јавноста отворено се зборува дека САД се тие што инсистираат коалицијата СДСМ и ДУИ да остане заедно и за време на изборите, како и за нон-пејпер што би го потпишале политичките партии на Албанците во кој ќе кажат дека нема да коалицираат со партија што нема да ги поддржи уставните измени шест месеци по изборите, по што следуваше прашање – дали тоа значи дека ќе остане техничката Влада, а новиот парламент ќе ги изгласа уставните измени, Агелер одговори:
„Во оваа земја се прават најмногу гласини од сите во кои сум работела. Има една работа која можам јасно да ја кажам. Ниту јас, ниту мојот тим никому не кажуваме што да прави. Одлуките на партиите и одлуките на лидерите на партиите, како и одлуките на владините претставници се само нивни одлуки и така треба да биде. Ние многу инвестираме во оваа земја и околу нејзината иднина, но ова не е наша земја. Се надевам дека лидерите на партитите ќе носат вистински одлуки кои ќе ја насочат оваа земја кон нејзините европски аспирации. Претседателот Мицкоски ќе ви каже дека го имав истиот разговор со него. И понатаму ќе работиме на тоа. Какви последици тоа ќе има и колку време оваа техничка влада ќе трае, нема да шпекулирам, но се надевам дека за граѓаните на оваа земја и за доброто на оваа земја, по 9 мај ќе има јасна одлука за државата да може да оди напред. Но, не можам да шпекулирам за што може да се случи“.
вели Агелер.
За пораките на помошник-државниот секретар на САД, Џејмс О‘Брајан, во однос на изборите и на идните чекори, како и на прашањето дали тој преку неговите настапи ги исцртал контурите на идната владина коалиција и колку таа негова визија соодвествува со реалноста ако се земат предвид притисоците во судството, Агелер вели дека неговите коментари зборуваат сами за себе, особено што тој е голем познавач на земјата, ја знае нејзината динамика и регионалните предизвици.
„Тој е еден од нашите најискусни и највешти дипломати посебно тука на Балканот. Тој помина многу време тука, вклучувајки ја и Северна Македонија. Тој ја разбира овдешната динамика, тој ги сфаќа регионалните предизвици. Многу му е важно што се случува во оваа земја и во регионот. Да потенцираме дека тој е помошник-секретар за цела Европа. Имавме среќа што во изминатите неколку месеци тој два пати беше тука. Неговиот опсег на работа покрива голем број полиња, како прво настаните поврзани со Русија и Украина. Тој не се фокусира само на тоа што се случува тука и тој не ги формулура своите пораки за цела Европа, концентрирајќи на тоа кои пораки тука им стигнуваат на партиските лидери“,
вели Агелер.
За случајот „Онкологија“, американската амбасадорка смета дека оваа е најнов и страшен пример на корупција.
„Постоеле лица кои делувале за своја лична заработка, брутално, по цена на човечки животи. Луѓе умираат и апсолутно е клучно обвинителот и системот да извршат увид во тоа што се случува и да донесат одлука врз основа на законот. И ако имало криминална активност и криминална корупција, тогаш учесниците не само што треба да се срамат од себеси, туку треба и кривично да се гонат“,
рече таа.
За тоа дали пред изборите на американската „црна листа“ ќе се најдат нови имиња од оваа држава, таа рече дека се уште не е изгласан Законот за рестриктивни мерки, со кој треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство, но и дека не се знае во каква верзија тој ќе биде изгласан.
„Го поздравуваме секој напор и секој закон, секоја активност со која се бара отчетност кај луѓето. Ако таму се луѓето кои ние ги прозиваме за корупција, искрено ја поздравуваме иницијативата за раководството, судството, обвинителите и чуварите на законот и редот да ги имаат и нив во предвид. Затоа што од луѓето треба да се бара одговорност. Ние немаме претставници на законот овде, ниту тоа би било соодветно. Мислам дека врз основа на она што го слушнав од луѓето ширум земјата и тие го поздравуваат ова. Како и да е, донесување на закон сам по себе, нема да смени ништо. Мора да го спореведете тој закон. Откако ќе биде донесен, се надевам дека потоа ќе реагира судскиот сектор, дека обвинителите ќе го направат она што им е работа и ќе испитаат, дека и тие ќе најдат докази за злоупотреба, како што најдовме и ние“,
рече таа.
Агелер дополни и дека прашањето кое најчесто и го поставуваат во земјава е дали ќе има нови имиња на „црната листа“ пред изборите во мај.
„Не знам дали ќе има нови имиња пред 9 мај. Но, постојат шанси да има. Можам да кажам дека голем број на имиња се разгледуваат и дека проценките се прават“,
вели таа.
На прашањето дали останувањето на Беса Адеми на чело на Врховниот суд е победа на правдата, Агелер вели дека би сугерирала дека тоа е победа на процесот.
„Може да се спори дали правдата е задоволена. Она што јас мислам дека е постигнато е дека основата за нејзниното отстранување кое се разгледуваше и сугерираше беше сомнително и малку смешно. Ако постојат причини за некој судија да треба да се отстрани, тогаш неприсуството на седниците не би требало да е соодветна причина за тоа. За неа и за кој било член за судството на оваа земја. Ако постојат наводи за злоупотреба, процесуирајте ги и испитајте ги, но мислам дека резултатот беше позитивен. Му честитам на Советот што ја донесе одлуката и се надевам дека судиите, Судскиот совет и сите членови на судството ќе си ја вршат работат и тоа на чесен начин, кој луѓето можат да го разберат“,
вели Агелер.
Притисоците во судството ги оценува како зло за државата, а влијанието врз судството вели дека е реалност со години, односно со децении.
„Тоа е нешто што луѓето го препознаваат. Ги поздравувам оние кои сакаат гласно да зборуваат и да ја донесат вистинската одлука заснована на закон, а не заснована од нечие влијание од друга земја“,
вели таа.
Како САД ќе помогне за руското влијание во пресрет на изборите, Агелер вели дека претпоставува дека постои руско влијание, како и дека го има во целиот регион.
„Ние сме свесни за тоа. Прашањето е, без разлика на тоа влијание, дали е преку медиумите, рекламите, преку социјалните медиумите, што прават луѓето тука. Што гласачите ќе одлучат да направат околу тоа. Единствениот начин за борба против дезинформациите е преку образување себеси. Искрено ги имаме овие предизвици и во САД. И затоа за гласачите е важно да бараат од кандидатите детални планови за иднината и потоа тие гласачи, откако ќе се едуцираат, да гласаат. Мора да гласаат, мора да излезат и да го изберат кандидатот кој ги изразува нивните соништа за иднината. Ништо нема да се постигне со негласање и останување дома. Знам дека има многу гласачи во земјава кои велат дека нема да гласаат, но тоа не е вистинскиот одговор“,
порача во интервјуто за ТВ 24 амбасадорката Агелер.