Од фотографиите објавени по владината седница, евидентно е присуството на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, пак, кој е исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ, не се забележува на фотографиите објавени од владината прес-служба
Првата седница на техничката влада, со која денеска претседаваше Талат Џафери, помина со присуството на само еден од двајцата министри што ВМРО-ДПМНЕ ги има во овој состав.
Од фотографиите објавени по владината седница, евидентно е присуството на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, пак, кој е исто така кадар на ВМРО-ДПМНЕ, не се забележува на фотографиите објавени од владината прес-служба.
Од Владата за „360 степени“ потврдија дека тој не присуствувал на денешната седница на преодната влада.
На местото на Велковски, како претставник од ресорот што тој го води, присуствувал заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.
Во изјава за „360 степени“, Велковски вели оти не се работи за бојкот на работата на првата владина седница, туку дека на неа не се појавил поради веќе закажана активност во Куманово.
„Доцна ја добив поканата за конститутивната седница на Владата и бидејќи веќе имав договорена средба во Куманово, не можев да стасам на седницата. Во Куманово, на социјално загрозено семејство беше договорено да му дадеме социјален пакет. На работниот дел од владината седница не отидов бидејќи на дневен ред немаше точки од ресорот труд и социјала, но на седницата присуствуваше заменик-министерот Енвер Хусеин“,
рече министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.
За посета на социјално загрозено семејство во Куманово, Велковски објави и на својот фејсбук-профил.
„Нечовечки услови за живеење, борба за живот и опстанок со пет деца. Оваа е сликата на осумчленото семејство Кипријановски од Куманово која денеска ја затекнав на теренска посета. Ова е сликата на голем дел од семејствата во Македонија по седумте години расипничко владеење на СДСМ и ДУИ“,
пишува, меѓу другото, во фејсбук-објавата на Велковски.
Инаку, денеска се одржа првата седница на новоформираната преодна влада на чело со Талат Џафери која беше избрана со мнозинство гласови во Собранието во неделата, 28 јануари, на точно сто дена пред одржувањето на парламентарните избори. Во воведното обраќање до министрите, Џафери изрази очекување дека сите членови на Владата посветено ќе работат во интерес на граѓаните.