За тоа какви се неговите очекувања за работењето на техничката влада, по изјавата на Мицкоски дека ќе биде хорор и дека ќе има корнење коси, Тошковски вели дека лично се надева оти ова нема да биде случај, дека сите страни ќе покажат поодговорен пристап
Доколку е приоритет за граѓаните да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам, вели министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Талат Џафери и нема да одат на владините седници. Тошковски смета дека неговиот став не е во колизија со изјавата на Мицкоски, бидејќи тој ќе работи во интерес и во согласност со приоритетите на граѓаните.

„Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што се што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам“,
рече Тошковски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
За тоа какви се неговите очекувања за работењето на техничката влада, по изјавата на Мицкоски дека ќе биде хорор и дека ќе има корнење коси, Тошковски вели дека лично се надева оти ова нема да биде случај, дека сите страни ќе покажат поодговорен пристап и дека нема да се повторат „непотребни постапки како во претходните технички влади“.
„Искрено, се надевам дека ќе имаме фер и демократски избори. Се надевам дека нема да имаме постапки непотребни како што имаше претходно, ова како став на претседателот мислам дека тој треба да одговори, но станува збор за емпирија, како било досега. На крајот на денот, наш предлог беше и да се укине техничката влада бидејќи се покажа како неуспешна претходно“,
кажа Тошковски.
За вчерашната атмосфера во македонското Собрание, министерот Тошковски вели дека имало негативна енергија во салата. На забелешките за отсуството од заедничката фотографија на премиерот и министрите, Тошковски вели дека никој не му пристапил да му каже дека треба да се фотографира. Но и да му пристапел, немало да отиде.
„Немаше да отидам да се фотографирам од едноставна причина што сметам дека премиерот, начинот на којшто беше процесуиран самиот овој процес, е прво нелегитимен, затоа што не ја ужива поддршката од граѓаните на начин на кој е дефиниран со Закон, и второ, е нелегален, затоа што не е предложен согласно Законот за Влада. Меѓутоа, јас ќе ги преземам во рамки на моето работење согласно Закон сите оние чекори кои треба да бидат преземени“,
изјави Тошковски.