Џафери изрази очекување дека сите членови на Владата посветено ќе работат во интерес на граѓаните
Премиерот Талат Џафери денеска ја отвори конститутивната седница на новоформираната преодна влада честитајќи им го изборот на сите министри. Тој на почетокот на седницата им порача на министрите да не ставаат слушалки за превод бидејќи воведното обраќање ќе го прочита на двата јазика. Џафери се обрати прво на албански, а потоа и на македонски јазик.
„Отворањето на седницата на почетокот ќе го водам на двата јазика, нема потреба од слушалки, зашто ќе го кажам истото. Ви посакувам добре дојде во владата на Северна Македонија на првата конститутивна седница на преодната влада на С Македонија. Пред да преминеме на усвојување на дневниот ред, на сите членови на Владата, во мое лично име би сакал да ви честитам на изборот и да ви посакам успешна работа и соработка. Пред нас е една клучна задача – подготовка на фер и слободни избори во демократска атмосфера. Во тоа имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со ДИК, и со мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, со ЕУ и САД за да обезбедиме највисоки европски стандарди во изборната кампања и самите избори за граѓаните слободно да ја изразат својата волја“,
им се обрати Џафери на министрите.
Тој изрази очекување дека сите членови на владата посветено ќе работат во интерес на граѓаните.
„Тука сме и да обезбедиме редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност. Од оваа влада очекувам ефикасност и таа да е во функција на интересите на граѓаните, транспарентна и отчетна. Очекувам сите членови на Владата да го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно,отворено и професионално. Ви посакувам многу успех во работата“,
рече премиерот Џафери.
На конститутивната седница на преодната влада, присутен беше само еден од министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На седницата не беше присутен минисрот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.