Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во контекст на формирањето на техничката влада и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски нивните места да останат празни додека не ја гласаат техничката влада, посочува на членот 3 од Законот за Влада, во кој, како што рече Мицевски, се вели „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“
За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, Мицевски рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа и потврди дека за в среда е закажана седница на Извршниот комитет на партијата, но и тоа, како што рече, зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови

Предлог за половична влада е обичен политички аматеризам, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната прес-конференција во Собранието.
„Слушаме деновиве некои изјави кои ги дава владејачкото мнозинство и јас би можел да ги оценам како политички аматеризам или политички дилентализам затоа што Уставот и законите се доволно прецизни и јасни. Ние како ВМРО-ДПМНЕ побаравме укинување на оваа техничка влада затоа што знаеме до што сè може да доведе и знаејќи ги потезите коишто власта во очај ќе ги презема во наредниот период“,
рече Мицевски.
Според него, многу е јасен Законот за Влада каде што во член 3 вели дека мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Тука, рече Мицевски, ставаме точка и тоа е тоа што треба да го испочитува мандатарот.
„До душа, ние од кандидатот за мандатар сè уште немаме слушнато изјава по однос на ова, но можеме да ги насочиме да го погледнат член 3 од Законот за Влада“,
додаде Мицевски.
Тој додаде дека оставката на претседателот на Владата повлекува и оставка на цела влада што значи дека во датумите што ги соопштуваат како можни датуми за оставки на претседателот на Владата на Република Македонија и на претседателот на Собранието во оставка е цела влада.
На прашањето што доколку на седница стигне да се гласа таков половичен состав на Влада, Мицевски рече дека во тој случај ќе нема министри и ќе нема кој да потпишува.
„Еве да тргнам од платите, кој ќе ги потпишува платите во Владата, од основните решенија. Не може да имаме дополнителни министри или заменици-министри кога Законот е сосема јасен дека органи на управа се Владата, а во владата раководат министри. Сето друго е надвор од Уставот, надвор од се она што го даваат законските регулативи во нашата држава“,
рече Мицевски.
За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, тој рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа.
„Имаме време затоа што очигледно е дека немаме конкретен датум и немаме оставки така да наредните денови, до крајот на неделата односно до рокот кој ќе биде утврден врз основа на оставките, ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара и ќе предложи свои кандидати за сите овие отворени места“,
рече Мицевски.
Тој потврди дека за в среда е закажана седница на Извршниот комитет на партијата, но и тоа, како што рече, зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови.
Опозициската партија се уште нема донесено одлука за кадровските решенија во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и за дополнителните заменици министри.
Извршниот комитет на партијата на 11 јануари донесе одлука да учествува во техничката влада, односно дека ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, но и заземале став да се воздржат од гласањето на техничката влада.
Во однос на тоа кои лица ќе бидат предложени за учество во техничката Влада, потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски, по седницата, рече дека се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од таа влада.
Премиерот Димитар Ковачевски, во петокот рече дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички-министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
И од Демократската унија за интеграција (ДУИ) рекоа дека пратениците во Собранието нема да ги поддржат предлозите за министри и заменици-министри во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката на ДУИ, како што се наведува, доаѓа по изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер и дека во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.
Според информации од владејачкото мнозинство, оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери би требало да се случат во деновите пред новата седница на Собранието закажана за петок, 26 јануари, кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборот на техничката Влада треба да биде во недела на 28 јануари. Таа треба да биде избрана најдоцна до полноќ, а ќе ја предводи сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Собраниски извори, како што пренесува МИА, денеска брифираат дека последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и ДУИ и најавите од ВМРО-ДПМНЕ може да го променат текот на предвидените формално-правни активности врзани со техничката влада. Во денешната куса информација по координацијата, од Кабинетот на претседателот на Собранието се наведува и дека во однос на изјавите од политичките партии, Џафери не коментира партиски изјави.
Од Кабинетот на Џафери, исто така, соопштија дека роковникот во однос на активностите во Собранието што беше претходно споделен останува непроменет.
Според најавите по првата координација на 9 јануари, подготовките за техничката Влада треба да почнат денеска и да завршат со гласање во недела на 28 јануари. На координациите со Џафери редовно не присуствуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега и претставниците на албанската опозиција, која го бојкотира Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.
„Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено“,
посочија од Собранието на 9 јануари.
Техничката влада се формира сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај и мандатот и трае до изборот на нова влада.
