„Гарантираната цена“, за дел од прехранбените производи, според последната владина одлука, требаше да биде во сила до крајот на годината, односно до 31 декември. Министерот за економија, пак, сега најавува дека на следната седница на Владата ќе предложи продолжување на мерката за уште најмалку еден месец
Мерката „Гарантирана цена“, која важи за дел од прехранбените производи и безалкохолните пијалаци, наместо до крајот на годината, најверојатно, ќе биде продолжена до крајот на јануари 2024 година, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.
„Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи ќе се применуваат додека од страна на Собранието не биде изгласан Законот за нефер трговски практики кој минатата недела на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата“,
вели Бектеши.
„Гарантираната цена“ за дел од прехранбените производи, според последната владина одлука, требаше да биде во сила до крајот на годината, односно до 31 декември. Бектеши, пак, сега најавува дека на следната седница на Владата ќе предложи продолжување на мерката за уште најмалку еден месец.
„Ќе продолжи мерката најмалку за еден месец бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за ‘гарантирана цена’ и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари“,
вели министерот.
На владината седница минатиот вторник беше усвоен текстот на предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со законот, како што соопштија од Владата, се дефинираат основите, правилата и мерките за отстранување на нерамнотежа во преговарачката моќ.