Не е време за популизам, штури прес-конференции и пи-ар, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако на прес-конференција во Владата беше презентирана новата група бескаматни кредити за компаниите преку Развојната банка.
„Мерките за помош на стопанството не беа ниту навремени ниту, пак, се доволни за спас на македонската економија. Првичните анкети велат дека над 100 000 граѓани се соочуваат со отказ, односно во моментов се оставени без приходи бидејќи претпријатијата во кои работеле се директно погодени од кризата. Колку за пример угостителите веќе втор месец се без работа. Овој сектор се соочува со колапс и токму поради тоа директно побара помош од Владата. Наместо помош, владата на СДСМ ги обвини угостителите дека лажат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека владата на СДСМ се фали со своите економски мерки за помош на стопанството, посочуваат од опозицијата, таа ја зголеми акцизата за нафтата со што директно им наштети на граѓаните и на малите и средни претпријатија кои се најпогодени од кризата како резултат на епидемијата на коронавирусот. Поради тоа, потенцираат, транспортерите се закануваат и со протести.