Наставата што не може да се одвива онлајн треба да се доврши во текот на летните месеци, сметаат од Универзитетското студентско собрание
Воведување еднократна социјална стипендија во износ од 6 000 денари за сите студенти засегнати од финансиската криза, но и доделување електронски уреди за оние студенти на кои им се потребни поради следење на онлајн-наставата, се дел од мерките што денеска ги побара Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов, овие мерки ќе им помогнат на сите студенти кои директно се засегнати од финансиската криза поради вонредната состојба.
Според него, потребно е воведување вонредна социјална стипендија за семејствата со студенти кои се исклучително погодени од кризата, односно имаат приходи помали од 14.000 денари.
„Се фокусиравме на краткорочни и долгорочни мерки кои финансиски ќе ги помогнат студентите. Во однос на краткорочните мерки, бараме воведување вонредна социјална стипендија, по теркот на социјалната стипендија што ја доделува Министерството за образование за семејствата кои се исклучително погодени од кризата“,
рече Ефтимов.
Оваа вонредна еднократна социјална стипендија, како што рече Ефтимов, треба да биде во износ од 6.000 денари, за да ги задоволи минимум потребите на студентите во следните неколку месеци.
Тој додаде дека е покрената и иницијатива за прибирање податоци за студенти кои не располагаат со уреди за следење на наставата, и бараат донатор кој ќе ги обезбеди тие уреди.
„Наставата што не може да се одвива онлајн, треба да се доврши во текот на летните месеци. Студентите кои имаат практична настава реално не можат да ја изведуваат. Поради тоа, кога ќе настапат околности да може физички да се присуствува на наставата, треба да се овозможи да го добијат знаењето за кое се запишале на факултетот. Ние како Универзитетско собрание исто така сметаме дека преку онлајн-полагање не испити или колоквиуми не може да се гарантира квалитетот, а и ќе се создаде разлика меѓу студенти кои имаат услови да полагаат онлајн и студенти кои немаат брз интернет и современи уреди за да ги полага испитите. Затоа треба да има дополнителни сесии, кога ќе има услови за тоа“,
рече Ефтимов.
*поврзани вести: И студентите бараат финансиска помош од државата
Учениците и студентите ќе се тестираат и оценуваат по интернет
Студентите имаат рок до крајот на неделава да си ги земат личните работи од студентските домови