Министерството за здравство извести дека еден од четирите теста на пациентот од Кичево се покажал како позитивен на ковид-19
Семејството, пак, вели дека поседува докази дека тестовите се негативни и останува на ставот дека треба да има одговорност
Министерството за здравство (МЗ) испрати реакција во врска со текстот на „360 степени“ за пациентот од Кичево за кој вчера (среда, 22 април) објавивме дека по грешка се води како позитивен на ковид-19.
Во дописот од Министерството се наведува дека пациентот има еден позитивен тест од вториот брис земен на Инфективното одделение во Охрид на 12 април, кога тој е и испишан од таа установа.
*Поврзана вест: Пациент од Кичево по грешка заведен како позитивен на ковид-19, семејството бара одговорност
„По приемот во болницата, поради симптоматологијата која укажувала на ковид-19, на 7 април на пациентот му бил земен брис, а резултатот бил негативен. При испис од болницата на 12 април повторно му бил земен брис, кој дава позитивен резултат. На 13 април, со возило на итна медицинска помош од Општа болница Кичево, поради покачена температура и кашлица, пациентот е донесен во ГОБ „8 Септември“. Тука повторно му е земен брис кој се покажува како негативен. Брис е земен и на 17 април и тој е негативен“,
соопштуваат од Министерството за здравство.
Од МЗ додаваат дека и покрај последните негативни резултати, пациентот е третиран согласно протоколот за ковид-19.
„Во моментов, тој е сè уште хоспитализиран на интензивна нега во ГОБ „8 Септември“ и приклучен е на респиратор, а неговата состојба постојано се следи“,
велат од Министерството за здравство.
Од друга страна, семејството Дамјаноски вели дека поседува докази оти во два наврати телефонски од болницата во Охрид им рекле дека тестовите земени на 7 и на 12 април се негативни. Тие остануваат на ставот дека ќе бараат правда и ги повикуваат институциите да го истражат случајот до крај. Сметаат дека тоа што се информирани оти четирите теста на детето се негативни, а тој е заведен како позитивен, е „класичен пропуст на здравствените институции“.
„Одговорност мора да има. Зошто и како сега детето се води како позитивен случај на ковид-19 мора до крај да се истражи. Ние не се откажуваме и ќе ја бараме правдата. Да се објасни и зошто за помалку од еден ден му се направени два теста. Неколку дена седиме во изолација и покрај тоа што тестовите му се негативни и дополнително сме вознемирени од целата ситуација“,
вели чичкото Спасе Дамјаноски.

Епидемиологот од охридската болница, Јованка Коровешоска, во изјава за „360 степени“ денеска рече дека е точно оти на семејството му потврдиле дека тестовите се негативни, но смета дека подоцна е направена некоја грешка и повика Министерството за здравство да спроведе детална истрага.
„За првиот тест направен на 7 април со сигурност тврдам дека е негативен. Сега за вториот брис земен на 12 април, најверојатно, е направена грешка. Го повикувам Министерството за здравство да спроведе целосна истрага. Да дојдат, да проверат и да утврдат каде е направен пропустот“,
вели Коровешоска.
Од семејството Дамјаноски велат дека на 12 април, кога е земен вториот брис во Охрид, добиле отпусен лист во кој се вели дека момчето треба да биде згрижено на интерното одделение во Општата болница во Кичево, а не да биде препратено во ГОБ „8 Септември“. Но, во кичевската болница му била дадена само инфузија и по што со возило на итна помош е испратен за Скопје.
Ова отвора уште едно прашање – зошто на пациентот му е даден отпусен лист од болницата Охрид, а во исто време му е земен и брис за нов тест на ковид-19. Според сите досегашни препораки, а од вчера и со Уредба со законска сила, лицата на кои им се зема брис, треба да бидат во изолација додека пристигнат резултатите.
Според информациите на Министерството за здравство што ги доставија до „360 степени“, Центарот за јавно здравје – Битола, како институција надлежна и за Кичево, согласно протоколот, одредил изолација за седум членови на семејството Дамјаноски и пет здравствени работници од болницата во Кичево. Нејасно е зошто, ако пацинетот имал позитивен тест на ковид-19, не е одредена изолација и за медицинскиот персонал во болницата во Охрид.
Во текстот што вчера го објавивме, потврда дека тестовите направени во болницата „8 Септември“ се негативни, даде и директорот на оваа институција, Кристијан Костов.
„Два негативни бриса“,
ни одговори д-р Костов на нашето прашање за резултатите од тестовите направени за конкретниот пациент во болницата „8 Септември“