Ова, како што велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е важно затоа што доколку МВР распишало централна објава по возилото, тогаш тоа би било регистрирано од камерите на системот „Сејф сити“, по што би било лоцирано, убијците на велешанецот би биле фатени, а убиството на Вања можеби и немало да се случи
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска бара одговори од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дали „ситроенот“ на велешанецот Панче, со кој беше грабната малата Вања, се возел по скопските улици од 24 ноември, односно три дена пред грабнувањето и убиството на девојчето.

Ова, како што велат од партијата, е важно затоа што доколку МВР распишало централна објава по возилото, тогаш тоа би било регистрирано од камерите на системот „Сејф сити“, по што би било лоцирано, убијците на велешанецот би биле фатени, а убиството на Вања можеби и немало да се случи.
Прашањето зошто не била распишана централна објава по возилото веднаш по пријавата на 22 ноември, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, е клучното прашање зад кое се крие одговорот за пропустот на МВР.
„Должни сме новите сознанија што ги имаме и дилемите кои се оправдани да ги поставиме во јавноста. Спасовски мора јасно и без политизирање и филозофирање да одговори дали возилото на убиениот Панче влегло во Скопје од правец на Велес уште на 24 ноември, 15-ина минути пред 7 часот и дали сè до 27 ноември – денот на убиството на Вања, истото се движело низ Скопје, без полицијата да ги приведе убијците? Дали истото возило поминало на истата локација од којашто влегло на 24 и на 25 вечерта? Спасовски мора да одговори, дали МВР знаело, т.е. имало можност да го лоцира возилото, но тоа не е направено затоа што не распишале централна објава?“
изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред неколку дена изјави дека истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска започнала предоцна и оти за случајот се реагирало ненавремено. Рече дека во истрагата има големи недостатоци, додавајќи дека има сериозни информации за тоа што го тврди.
По ваквата негова изјава, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски го повикаа доколку има какви било информации или докази во врска со истрагата, како што тврди и самиот, да ги достави до МВР и до Обвинителството, бидејќи во спротивно прави кривично дело.