Изјавите на премиерот и министерот за внатрешни работи следуваат откако синоќа во интервју за ТВ Шења, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека истрагата во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска започнува предоцна и оти за случајот се реагирало ненавремено. Рече дека во истрагата има големи недостатоци и додаде дека има сериозни информации за тоа што го тврди
Ако има какви било докази во врска со случајот, како што тврди дека има, лидерот на опозицијата веднаш да ги достави до Министерството за внатрешни работи (МВР) и до Обвинителството.
Ова, на одделни настани денеска го изјавија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, повикувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги објави информациите кои рече дека ги има во врска со истрагата за случајот со 14-годишната Вања, а за која рече дека започнала предоцна.

„Лидерот на опозицијата многу пати се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму, нема да навлегувам во тоа со што сака да се занимава, меѓутоа прикривање на докази за коишто вели дека ги има е кривично дело и затоа доколку има докази, треба сите да ги достави до МВР или до Обвинителството бидејќи се работи за еден навистина грозоморен чин којшто е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“,
изјави премиерот Ковачевски.
Дека прикривањето докази и информации поврзани со истрагата е кривично дело денеска нагласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој не само лидерот на опозицијата, туку сите оние што велат дека имаат какви било докази, ги повика да ги предадат на истражните органи.

Спасовски уште еднаш порача да не се политизираат убиствата и повика на одговорно однесување од сите.
„Политизирањето во вакви случаи на убиства мислам дека уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро затоа што нема никаква цена којашто може да биде оправдана од ваков вид. Навистина не посакувам да се впуштаме сите во политика и во политикантство, туку да се работи сериозно до крај и да се проширува истрагата, да се откријат сите факти и докази и сите тие радикални гнезда, како што истакнав, мора да бидат разоткриени и целосно уништени затоа што хранењето на таквите луѓе може да предизвика сериозни последици“,
додаде министерот за внатрешни работи.
Изјавите на Спасовски и Ковачевски следуваат откако синоќа во интервју за ТВ Шења, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека истрагата во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска започнува предоцна и оти за случајот се реагирало ненавремено. Рече дека во истрагата има големи недостатоци и додаде дека има сериозни информации за тоа што го тврди.
Прашан зошто за случајот не се реагирало брзо, како што тврди и самиот, Мицкоски посочи дека ќе дојде денот кога на ова прашање ќе дадат одговор, бидејќи сега одговорот би бил залуден.