Обуката со хрватските тимови почнува утре, а на планот за Национална стратегија за управување со мечки ќе се работи година дена и до крајот на следната година би требало да се усвои
Тимови од Хрватска ќе споделуваат искуства и ќе вршат обуки на македонски колеги за справувње со проблемот со мечките, кои изминатиов период сè повеќе ги има во населените места, особено во општината Маврово и Ростуше, пренесува ТВ Телма.

Ова е дел и од подготовките за Национална стратегија за управувње со мечките бидејќи досега во земјава немаше интервентни тимови, ниту решение на кој начин надлежните ќе се справуваат со проблемот.
„Денеска сме овде на помош на колегите од Македонија. Македонската влада брзо реагираше, со оглед дека оваа година се појавија мечки во населени места, во Националниот парк ‘Маврово’. Македонското министерство и влада донесоа одлука дека е време да направат план на управување, односно Стратегија на управување или Акциски план за мечки и да се види какви се искуствата на интервентните тимови во регионот, како функционираат, како се опремени, кои се протоколите. Ќе се опреми интервентен тим, меѓутоа главната одговорност е на две министерства – Министерството за животна средина и просторно планирање, со помош на колегите од Министерството за земјоделство“,
ја пренесува ТВ Телма изјавата на Андреа Солиќ, претставничка на платформата за големи ѕверови.
Обуката со хрватските тимови почнува утре, а на планот за Стратегија ќе се работи година дена и до крајот на следната година би требало да се усвои.

Во последниот период сè почесто има присуство на мечки во близина на населени места. Жителите на селото Жировница неколку пати имаа директна средба со мечки.
На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста што тие ја имаат по локалното население.
По однос на проблемот во Маврово и Ростуше, Владата им даде рок од три месеци на министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките. За координација на активностите на институциите, пак, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Изминатите неколку месеци имаше повеќе случаи во кои мечки настрадаа откако беа удрени од автомобил. Последниот беше регистиран на 2 декември кога млада мечка беше удрена од возило на патот Тетово – Непроштено, додека со уште една поголема и две помали мечки го минувала патот.
Претходно, на 25 октомври, од ЦУК соопштија дека лице вработено во Националниот парк „Шар Планина“ пријавило оти на локалниот пат кон селото Вејце има загинато мече кое најверојатно настрадало во сообраќајна несреќа од непознат сторител.
Освен на патиштата, имаше и инцидент во кој возрасен маж беше повреден откако бил нападнат од мечка на потегот помеѓу селата Пласница и Ораоец во Општина Македонски Брод. Го спасија ловџии кои случајно се затекнале на местото.