Спасовски нагласи дека најостро ќе бидат санкционирани сите оние што пробуваат да пренесат страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла кои, како што рече, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација
Вакво криминално гнездо како што е направено мора да се разбие до крај. И такви политички партии кои се со не знам какви провениенции ова го прават, како што е формираната, мора да биде дерегистрирана, рече вчеравечер министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарски прашања на вонредната прес-конференција на која соопшти дека првоосомничениот Љупчо Палевски бил уапсен од турската полиција додека пеш се движел по еден од автопатите кај градот Баликесир.

Спасовски нагласи дека најостро ќе бидат санкционирани сите оние што пробуваат да пренесат страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла кои, како што рече, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација.
„Стоиме на располагање, целиот тим, за секоја една индиција ќе работиме за да расчистат вакви криминални гнезда и дувла, кои преку правење политики, политиканство, коалиции, договори, влијанија однадвор, сакале да направат дестабилизација на државата“,
додаде тој.
Прашан за какви влијанија од странство се работи, Спасовски рече дека мисли на ставовите што ги застапува оваа политичка партија.
„Не знаеме лицето и таа партија какви ставови застапуваат? Не знаеме кои беа тие и што правеа во изминатиот период? Не знаеме за неговите емисии во коишто директно се спротивставуваа на напредокот на државата, НАТО, европскиот пат? На тие мислам“,
рече Спасовски.
Посочи и дека треба да се утврдат и фактите дали станува збор за некаква секта или не.
„Дека станува збор за малоумни, за монструми, за луѓе кои не може да се наречат луѓе, тоа е факт“,
посочи Спасовски.
Од политичката партија Десна вчера на својата фејсбук-страница напишаа дека согласно Статутот на партијата, функциите, активностите и членството на обвинетите ќе бидат замрзнати до крајот на процесот.
„За своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, бара да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната пресумција на невиност на осомничените и обвинетите додека не се докаже спротивното. Ние, членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред судот на сторителите на овие грозоморни случаи“,
стои во соопштението од партијата Десна.