Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска и „5 плус фамилијата“ почнуваат проект „Раскажуваме заедно“ во кој ќе раскажуваат приказни за децата од предучилишна и училишна возраст.
„Приказните за Марија Кири, Ана Павлова, Малала Јусафзаи, како и за други познати и непознати херои и хероини и инспиративни личности ќе бидат дел од заедничката иницијатива. Децата ќе слушнат приказни за развојот и успехот на поединци кои низ историјата, секој во своето време и во областа во којашто работеле, оставиле силна трага“,
соопштија од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Со појавата и ширењето на епидемијата на вирусот ковид-19, велат оттаму, се смени реалноста во којашто децата и младите учат и го поминуваат своето слободно време и затоа преку оваа иницијатива на децата ќе им се понудат нови едукативни содржини. Целта е да го привлече и задржи вниманието на учениците и да стекнат нови знаења.
Покрај Ѓоргиевска, приказни ќе раскажуваат и други јавни личности од земјава.
Приказните од „Раскажуваме заедно“ ќе се емитуваат на јавниот сервис и на сите дигитални платформи на „5 плус фамилија“ (Facebook, YouTube и Instagram)