„Поради конфликтот на интереси и фактот што Горгиева јавно застана во одбрана на судијата Лазар Нанев кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ, министерот за правда бара Судскиот совет да ја изземе Горгиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател“, велат од Министерството за правда
Министерот за правда правда Кренар Лога со писмен допис побарал од Судскиот совет поради конфликт на интереси да ја изземе членката на Советот, Лорета Горгиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, соопштија денеска попладне од Министерството.

Случајот за кој реагира Лога, според соопштението, е во врска со судијата Лазар Нанев, кого министерот за правда неодамна го разреши од член и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи (ИКТ).
Покрај разрешувањето, министерот за правда на прес-конференција на 6 ноември соопшти дека испратил допис до Судскиот совет за отворање постапка за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основниот суд во Кавадарци.
Судскиот совет, преку соопштение, информира дека како петта точка на дневен ред на вчерашната седница биле формирани Комисии на известители по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд.
Во најновиот допис до Советот, Лога реагира дека и покрај претходните укажувања за навремено доставување на материјалите, тие не му биле доставени ниту пред ниту по одржувањето на вчерашната седница.
„Недозволиво е министер за правда да се информира за точките од дневниот ред од медиумите преку кои бевме информирани за изборот на Лорета Горгиева за член на Комисијата. Поради конфликтот на интереси и фактот што Горгиева јавно застана во одбрана на судијата Лазар Нанев кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ, министерот за правда бара Судскиот совет да ја изземе Горгиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател“,
се наведува во соопштението на Правда.
Оттаму велат дека доколку Горгиева не биде изземена од Комисијата, Судскиот совет со тоа прави „лош преседан со кој ќе се намали и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем“.
Инаку, по разрешувањето на Нанев од Советот на ИКТ, од него се повлекоа и членовите на Судскиот совет, Лорета Горгиева и Миљазим Мустафа.
Оставките тие ги доставија до министерот за правда Кренар Лога, со кои го информираа дека се повлекле од членство во Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, зашто сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно.
„Советот на ИКТ дејствуваше како тим со претседателот Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ, и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество“,
наведе во оставката судијата Горгиева, информираа од Советот.