Не размислувам за повлекување. Во овој момент, мојот фокус е на придонесот во борбата против коронавирусот, во креирањето на политиките и мерките, посебно за поддршка на економијата, вели лидерот на СДСМ во интервју за „Вечерњи лист“
Нашата држава навремено реагираше во кризата со ковид-19, многу подобро од некои европски земји и уште на самиот почеток презема мерки за заштита на граѓаните, вели во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Сите наши сили беа и сè уште се насочени кон борбата против коронавирусот. Рековме дека сега не е време за избори, туку за да се заштити здравјето на граѓаните, да се спасат човечки животи. Така постапуваме. Почетните резултати се видливи, здравствениот систем добро се носи со кризата. Нека заврши, па потоа ќе размислуваме за избори. Со двата клучни стратешки приоритета – членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ, покрај сите економски резултати во изминатите две и пол години, СДСМ е фаворит на изборите“,
вели Заев.
За преговорите со ЕУ и недобивањето одлука лани во октомври, на прашањето – „кој го изиграл“, Заев одговара дека не смета оти некој го изиграл, туку се покажало дека Унијата, поради внатрешни проблеми, во тој момент не била спремна за проширување и дека била потребна нова методологија. Но, по одлуката за почеток на преговори минатиот месец, тој е уверен дека неговата партија во следниот мандат ќе затвори повеќе од 80 проценти од поглавјата за ЕУ.
„Република Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите што е можно побргу т.е. веднаш по завршувањето на пандемијата од коронавирусот ќе се организира меѓувладина конференција. Покажавме подготвеност, нашите институции се спремни веднаш да започнат преговори. Очекувам дека повеќе од 80 проценти од поглавјата ќе бидат завршени до крајот на нашиот следен мандат“,
вели Заев.
На прашањето дали стравува од дестабилизација на земјата ако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, тој одговара дека граѓаните нема да дозволат враќање во времето на поделеност, расправии и тензии, изолација и несигурност.
Лидерот на СДСМ, во интервјуто, вели и дека не размислува за повлекување од политиката.
„Дејствувањето во политичкиот живот е привремено, важно е колку и на кој начин сме им помогнале на граѓаните и државата. Во една прилика на состанок реков дека сè уште се загревам. Во овој момент, мојот фокус е на придонесот во борбата против коронавирусот, во креирањето на политиките и мерките, посебно за поддршка на економијата, како да се спасат работните места, како да се осигура приходот на граѓаните, како да им се помогне на работниците, компаниите, на сите. Не размислувам за повлекување“,
вели Заев во одговорот на прашањето дали ќе остане во политика доколку изгуби на изборите.
Целото интервју може да се прочита ТУКА.