Израелските власти цело време говореа дека милитантната група ја користи „Ал Шифа“ за воени цели, но Хамас тоа го негираше

Висок израелски воен претставник изјави дека израелските одбранбени сили (ИДФ) пронашле оружје и терористичка инфраструктура при рација во болницата „Ал Шифа“, пишува Скај њуз. Неименуваниот функционер не откри повеќе детали, но тврди дека војниците имаат конкретни докази дека Хамас го користи објектот како штаб на терористите.
Израелските власти цело време говореа дека милитантната група ја користи „Ал Шифа“ за воени цели, но Хамас тоа го негираше. Официјалниот претставник не кажа колку долго ќе бидат израелските сили во болницата, но рече дека подоцна во текот на денот ќе бидат објавени снимките од наодите од воената операција во болницата.
ИДФ објавија фотографии за кои тврдат дека ја покажуваат операцијата на специјалните сили во болницата. Ноќните фотографии прикажуваат специјални сили со термални очила.

Во соопштението тие додаваат дека во болницата донеле медицински материјали, храна за бебиња и инкубатори. Автентичноста на објавените фотографии сè уште не е потврдена.
Хамас тврди дека во болницата има 650 пациенти и меѓу 5 и 7 илјади медицински персонал и луѓе кои се засолниле таму, за кои велат дека се опколени и под постојан оган од израелски снајперисти и беспилотни летала. Исламистичката група тврди и дека 40 пациенти, меѓу кои три бебиња, починале во болницата во изминатите неколку дена поради недостиг на гориво, вода, храна и медицински материјали.