И двајцата членови на Судскиот совет, но и членови на Советот на ИКТ сметаат дека, по разрешувањето на судијата Лазар Нанев од Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи (ИКТ), нивното членство во ова тело е нецелисходно
Членовите на Судскиот совет, судијата Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа, пред три дена доставиле оставки до Министерот за правда Кренар Лога и се повлекле од членство во Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи (ИКТ), зашто сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно, соопштуваат од Судскиот совет.
„Советот на ИКТ дејствуваше како тим со претседателот Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ, и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество“,
се вели во оставката на судијата Георгиева, пренесуваат од Советот.
Во образложението на оставката на Мустафа се наведува дека по разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на министерот за правда Лога и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело.
„И покрај сѐ, горд сум што бев член во тело што ги постави темелите и ги воспостави насоките за дигитално судство и успеа да воведе алатки и сервиси кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните до правдата и на правосудните органи, а со тоа и зголемување на довербата на правосудството“,
наведува Мустафа.
Министерот за правда Кренар Лога минатата недела го разреши судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи Лазар Нанев од функцијата член на Советот за ИКТ и со тоа од функцијата претседател на ова тело.
„До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев“,
изјави Лога.
Според министерот, по добивањето и анализата на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал оти во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
„Како што и досега повеќепати имам изјавено така и сега стојам на ставот дека Министерството за правда и јас како министер нема да дозволиме во работни тела, совети и комисии кои се под состав или надлежност на ова Министерство да членуваат лица за кои постојат сериозни индиции за нарушен интегритет. Имајќи го предвид фактот дека претседателот на Основниот суд Кавадарци е член и досегашен претседател на Советот за ИКТ, поради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, сè до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет, ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска, судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет. Во оваа пригода му се заблагодарувам за досегашната соработка“,
изјави тогаш Лога.
Лога тогаш информира и дека иницирал и постапка за изработување нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.
Инаку, пред неколку дена Министерството за правда преку Комисија за надзор на работата на судовите вршеше проверка во Основниот суд Кавадарци поради можни сомнежи за манипулација на работата на Информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети – АКМИС.
Претседател на Основниот суд во Кавадарци е судијата Лазар Нанев.
Надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС, а беше најавен и на прес-конференција од страна на министерот за правда Кренар Лога.
Вакви надзори Комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд, како и во судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово, по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби.