Оттаму велат дека за да го утврдат изворот на зараза и да биде спречен преносот, вонреден инспекциски надзор денеска има не само во посочените училишта, туку и кај фирмата што ги снабдува училишните кујни и добавувачите од кои ги добива суровините
Расте бројот на ученици од општина Карпош заразени со салмонела. Уште кај тројца основци од општината е потврдено присуството на бактеријата со што бројката се искачи на 12 деца од пет училишта.
По четири случаи има во основното училиште „Владо Тасевски“ и ,,Војдан Чернодрински”, два во ,,Јан Амос Коменски” и по едно дете во ,,Христијан Тодоровски-Карпош” и ,,Димо Хаџи Димов”, потврдија од Центарот за јавно здравје.

Сите овие случаи се со потврдени резултати, не само клинички, туку и лабораториски, појаснија од Центарот.
„Денеска имале увиди во школи, магацини во кои се складира храна, а утре ќе се продолжело со други контроли, каде што била доставена храна, бидејќи денеска не се можело се да се опфати“,
велат оттаму.
Од Центарот за јавно здравје велат дека нема хоспитализирано ниту едно дете, а најрано во сабота ќе знаат што е причината за салмонела.
Оттаму велат дека за да го утврдат изворот на зараза и да биде спречен преносот, вонреден инспекциски надзор денеска има не само во посочените училишта, туку и кај фирмата што ги снабдува училишните кујни и добавувачите од кои ги добива суровините.
Тимови од Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна од училишните мензи земаат примероци од сите работни површини како и од вработените да утврдат дали труењето е од оброците што децата ги добиваат додека се на училиште.
Од Агенцијата за храна најавуваат дека ќе има проверка во сите училишта во Карпош.
„Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина, кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта во кои нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела. По завршување на вонредниот надзор и по добивање на резултатите од лабораториските тестирања, јавноста ќе биде известена за резултатите и причинителот“,
велат од АХВ.
Уште вчера времено беа затворени кујните во училишта каде е потврдена салмонела, а родители преку вибер-групи добиваат пораки од директорите дека нема да има храна додека не ги добијат резултатите.
Симптомите на труење со салмонела се јавуваат 4 до 72 часа по јадење на контаминирана храна, а лекувањето е од 4 до 7 дена.