Лога вели дека е изнанеден од одлуката на пратениците од СДСМ да гласаат против законот за амнестија да влезе во собраниска процедура по скратена постапка. Тој вели дека не бил информиран зошто така гласале и затоа вели дека ова како тема ќе го постави на владината седница во вторник
За тоа дали очекува да ја добие поддршката откако ќе го поднесе законот по редовна постапка, Лога повтори дека ќе биде подеднакво среќен и ако се изгласа и ако не се изгласа и додаде дека негова работа е да нуди решенија

Министерот за правда Кренар Лога вели дека од вчера состојбата во затворите веќе не е негова одговорност. Оваа изјава на Лога следува по вчерашната одлука на пратениците да гласаат против законот за амнестија да влезе во собраниска процедура по скратена постапка.
Лога вели дека вчерашното гласање е најдобриот подарок што го има добиено изминатите седум месеци.
„До вчера целата проблематика врзана со затворите беше моја. Од вчера таа одговорност веќе не е моја. Не е ниту формално-правно, бидејќи јас сум врзан со постапки кои треба да ги изгласа Собранието. Инаку, како е мој проблем?! Проблем ќе биде ако не нудам решенија, а тие се веќе на хартија, ги доставив материјалите до сите пратеници, бруто-материјали, не изработени од Министерството. Извештај од САД, од ЕУ, имате – читајте“,
рече Лога во вечерашното интервју во „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Тој вели дека е изнанеден од одлуката на пратениците од СДСМ да гласаат против законот за амнестија да влезе во собраниска процедура по скратена постапка. Тој вели дека не бил информиран зошто така гласале и затоа вели дека ова како тема ќе го постави на владината седница во вторник.
„Дилемата дали ни треба овој закон или не, се разгледува во матичните комисии, каде би се дискутирало дали тоа би било најдоброто можно решение или е нешто друго во прашање“,
вели Лога.
Тој објаснува дека уште пред да почне седницата добил информација од новинарите, кои, пак, наводно биле информирани од седиштето на СДСМ дека пратениците нема да го поддржат законот по скратена постапка. Но, министерот немал такви најави и одбил да коментира, затоа што вели дека за многу битни прашања се дискутира на владина седница.
„Не знам дали имале партиски прегрупирања во СДСМ, но јас кога го образложував законот им реков дека ќе бидам среќен да помине, но и ако не помине. Во Собрание гледам и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа против измените на КЗ, како Милошоски и Јанушев, за утредента со адвокати да бараат нивните предмети да застаруваат. За каков морал зборуваме тука?! А од друга страна, имам коалициски партнери пред себе, кои имаат двајца ексгенерални секретари кои ја издржуваат казната притвор и куќен притвор по хотели, или во ‘Систина’ или на Клинички. Кога имате од една страна такви привилегирани луѓе од моќни партии во државата, а од другата страна имате докази со слики и друг материјал кој е доставен до пратениците уште од сабајле, од состојбите во затворите и вид на огледало да се видат себеси зошто немаат инвестирано изминатите 30 години. Овде се отвора прашањето политички, но тој дел мене не ме интересира“,
рече Лога.
Во врска со наводите во јавноста дека има пресметки оти ако се применат принципите од законот за амнестија, би можело од затвор да излезат и голем број од осудените за 27 април и на прашањето дали до него имало вакво барање, Лога рече дека формално до него или до Министерството немало.
„Неформално, не директно кај мене, туку до кругот на Министерството имало такво барање од луѓе блиски и до ВМРО-ДПМНЕ и од другиот спектар во Македонија. Другиот спектар се сите други политички партии. Такви солуции нема да поддржувам. Отворен сум да прифаќам амандмани за да го подобриме законот“,
рече Лога.
Тој рече дека сите во државата имале можност да интервенираат во законот додека тој се подготвувал.
„Ниту еден во државата немаше ништо против законот се додека немаа внатрепартиски проблеми. Во моментот кога се појави Никола Груевски внатре во ВМРО-ДПМНЕ, после два-три дена, кога немаа храброст да се соочат со него, они викаат дека ќе го бојкотираат собранието ако законот се поднесува со европско знаменце. А, јас од прв момент кажав дека ќе нема таков закон со европско знаменце“,
додаде тој.
За тоа дали очекува да ја добие поддршката откако ќе го поднесе законот по редовна постапка, Лога повтори дека ќе биде подеднакво среќен и ако се изгласа и ако не се изгласа.
На констатацијата оти нема време, доколку се поднесе по редовна постапка, да биде изгласан од овој парламентарен состав, со оглед на тоа што следната година е изборна, Лога вели дека негова работа е да нуди решенија.
„Од една страна е проблемот кој треба да го решите и барате помош од сите во државата. Имаме 2 800 осудени лица со упатен акт, кои сега остануваат на слобода. Не знам дали е поризично некој од трета земја да напаѓа или од внатре да имате 2 800 осуденици на улица“,
додаде тој.
Дали измените на Кривичниот законик се за „големите риби“ беше прашањето на кое Лога рече дека во јавноста се добива таков впечаток бидејќи секој втор или трет ден има застарување на некој случај кој се врзува со звучни имиња во државата.
На прашањето дали знаел дека ќе има такви измени и дали намерно не ги потпишал, Лога рече дека за тоа сите знаеле затоа што, како што нагласи, тоа беше барање од ВМРО-ДПМНЕ уште пред четири или пет години.
„Мој потпис на такви закони нема да има, како во минатото, така и во иднина“,
рече Лога.
На прашањето зошто уште е министер за правда, а бил против измените во Кривичниот законик, и за вчерашното гласање против законот за амнестија да биде по скратена постапка вели дека е одмазда, Лога рече оти владеењето не почнува и не продолжува само со две мали или големи работи.
„Нашиот влез во Владата беше за да дадеме придонес за изгласувањето на уставните измени и затоа не се повлекуваме и даваме сѐ од себе за Македонија да биде подобра од вчера“,
додаде Лога.
