На седницата на Советот за безбедност, како што информираат од ресорот на Лога, министерот ќе побара да биде разгледана безбедносната состојба во државата со оглед на тоа дека над 2 800 осудени лица со упатен акт не ги одлежуваат затворските казни поради пренатрупаноста на затворите. Ваквата најава следува откако мнозинството пратеници во Собранието вчера не дадоа зелено светло за предлогот на Владата за донесување на законот за амнестија по скратена постапка
Министерот за правда Кренар Лога најави дека ќе испрати писмо до претседателот на државата Стево Пендаровски со кое ќе побара да биде свикана седница на Советот за безбедност.
На седницата на Советот за безбедност, како што информираат од ресорот на Лога, министерот ќе побара да биде разгледана безбедносната состојба во државата со оглед на тоа дека над 2 800 осудени лица со упатен акт не ги одлежуваат затворските казни поради пренатрупаноста на затворите.
„…а со тоа претставуваат потенцијална опасност за целото општество и можноста досегашните дела да им застаруваат и со тоа да се охрабрат истите да ги повторат“,
наведуваат од Министерството за правда,
Посебно писмо Лога ќе испрати и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и до директорите на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање од каде што ќе се побараат истите информации.
Ваквата најава следува откако мнозинството пратеници во Собранието вчера не дадоа зелено светло за предлогот на Владата за донесување на законот за амнестија по скратена постапка. „Против“ потребата од донесување на законот по скратена постапка гласаа 66 пратеници, 15 беа „за“, а тројца гласаа „воздржано“.
Пред гласањето, министерот за правда Кренар Лога, кој е и предлагач на законот, на пратениците им подели албуми со фотографии од затворот „Идризово“ на кои се гледа лошата состојба во затворот и на тој начин ги повика ги да го изгласаат предлог-законот за амнестија, чија основна цел, како што и претходно неколку пати кажа самиот министер, е ослободување на дел од капацитетите на затворите.
Откако законот не помина, Лога најави дека законското решение повторно ќе го достави во Собранието, но овој пат по редовна постапка. Сепак, рече дека исходот од гласањето го гледа како одмазда кон него и кон неговата партија – Алијанса за Албанците поради неподдршката за измените на Кривичниот законик.