Во дебата во „360 степени“ на МРТ 1 се отвори прашањето што значат најавените патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија и што може да направи Македонија за да го придвижи својот пристапен процес

Причините поради кои Македонија не е меѓу четирите кандидати за кои Европската комисија најави патокази (Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина) треба да се бараат и во домашниот однос кон Преговарачката рамка, смета извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски. Во дебата во „360 степени“ на МРТ 1, тој предупреди на очекувањето дека промените во самата ЕУ ќе го олеснат македонското пристапување, без земјава да ги донесе потребните одлуки.
„Јас имав чувство уште од 2022 година дека ние ќе спиеме на едно уво, а тоа е Европската Унија ќе се промени самата и така ќе ни биде полесно да влеземе и да се интегрираме. Тоа можеби ќе се случи според дискусијата која ја водевме, но на крајот на краиштата знаеме дека тоа што ние не сме таму сега како дел од тие четири држави е наша одговорност“,
рече Николовски.
Тој го поврза тоа со неприфаќањето на рамката и со одлуките што треба да се донесат дома.
„Наше е одбивањето да ја прифатиме рамката, за што има прилично голем национален консензус, би рекол, кон ова прашање. Така што топката е повторно, што се однесува до патоказите, во наши раце – дали ние ќе имаме патокази или не“,
додаде тој.
Политичкиот аналитичар Тони Поповски смета дека патоказите за четирите држави се важни за земјава и поради можноста да покажат како пристапувањето би станало попредвидливо.
„Патоказите се интересни за македонската јавност од причина што ја спомна и Димитар Николовски. А тоа е дека можат, ако таа архитектура навистина обезбеди поголема предвидливост, да претставуваат своевидно, како архитектура, како структура на документ, одредено охрабрување за македонската влада и нашето Собрание да ги земе предвид како некаква една или една од повеќе можни гаранции за предвидливост на овој процес дека ќе резултира со полноправно членство“,
рече Поповски.

Сепак, тој отвори дилема за институционалниот статус на овие документи: дали ќе ги усвојуваат политичките тела во кои одлучуваат членките или Комисијата ќе ги користи во рамките на сопствените надлежности.
„Но втор аспект е тоа што, ако внимателно се чита насловот на овој документ, а се нарекува индикативни патокази со насоки и за Европскиот совет, јас барем не сум најсигурен дека како типологија на акти во рамки на Европската Унија ова ќе бидат акти кои нужно ќе бидат усвојувани од страна на Европскиот совет на шефови на држави и влади или еден степен пониско“,
посочи тој, нагласувајќи дека за ова би побарал дообјаснување.
Во разговорот беше посочено и дека Македонија има реформски обврски на кои може да работи и без нов патоказ, како и можности за усогласување во рамките на постепената интеграција.
Николовски се осврна и на истражувањата на јавното мислење, според кои општата поддршка за членство останува висока.
„Исто така поставуваме прашања дали се за напуштање на преговорите и свртување, можеби ориентација кон некоја друга страна на светот. И односот е секогаш два спрема еден за оние кои велат дека мораме да ја задржиме западната ориентација и да се интегрираме колку можеме повеќе во Европската Унија, и покрај тоа што немаат некоја голема надеж дека тоа би се случило во следните, да речеме, пет години“,
рече Николовски.
