Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против колумнистот Бранко Тричковски бидејќи „ширел навредлива и заканувачка содржина кон претседател на политичка партија“.
Од МВР го посочуваат неговиот статус на Фејсбук од 13 април во кој Тричковски пишува за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кој илустрира ситуација во која тој би бил мртов.
„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Б.Т. (68) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела загрозување на сигурноста, предвидено и казниво по чл. 144 ст. 4 и ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено и казниво по чл. 394-г од КЗ. Имено, пријавениот преку социјалната мрежа Фејсбук на 13.4.2020 објавил статус со навредлива и заканувачка содржина кон претседател на политичка партија“,
се вели во соопштението на МВР.
Во февруари МВР отвори предмет за Тричковски за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем и предизвикување омраза на дискриминаторска основа, повторно преку Фејсбук, за тогашната техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.