Денеска го добив извештајот на работната група и ќе го проследам до Владата. На Влада ќе одлучиме какви мерки ќе креираме. Верувам дека до крајот на месецот ќе имаме конкретни мерки со кои ќе го поддржиме животниот стандард на пензионерите особено на оние со ниски пензии, вели Тренчевска

Покачување на пензиите за 6,8 отсто не сме кажале ниту јас ниту кој било претставник на Владата. Претпоставувам од чија кујна е излезено 6,8 отсто, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Моите изјави беа меѓу пет и шест, но секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика затоа што тоа е институцијата што ги дава податоците за индексот на трошоци на живот и индексот за порастот на просечната плата“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.
Прашана да даде коментар околу изјавите на некои пензионери дека со покачувањето од 5,3 отсто добиле само 200 до 300 денари, Тренчевска рече дека таа информација не е точна.
„Не верувам дека некој толку има добиено затоа што процентот 5,3 е согласно податоците од Државниот завод за статистика. Ако најниската пензија беше 12 500 денари на тоа кога ќе му пресметате 5,3 отсто е некаде околу 800 денари“,
рече таа.
Тренчевска додаде дека доколку има некој пензионер кој добил покачување од 200 или 300 денари да пријави до Министерството за труд и социјална политика.
Министерката се надева дека до крајот на месецот ќе има конкретни мерки со кои ќе го поддржат животниот стандард на пензионерите особено на оние со ниски пензии.
„Денеска го добив извештајот на работната група и ќе го проследам до Владата. На Влада ќе одлучиме какви мерки ќе креираме. Верувам дека до крајот на месецот ќе имаме конкретни мерки со кои ќе го поддржиме животниот стандард на пензионерите особено на оние со ниски пензии“,
додаде Тренчевска.
Одлуката за формирање на работната група беше донесена во август по состанокот на Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следуваше по протестот на пензионери во Скопје, на кој тие ги изнесоа своите барања, меѓу кои, линеарно зголемување од 3 500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување на износот согласно новата методологија воспоставена минатата година, како и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.
Целта на формирањето на работната е да предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Работната група е составена од претставници на МТСП, од Владата и Сојузот на пензионери и од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
