Во однос на ценовните притисоци и животниот стандард, премиерот нагласи дека инфлацијата во третиот квартал од годинава (јули, август и септември) е за 25 отсто пониска во споредба со европскиот просек

Иако граѓаните сè уште се соочуваат со тежок живот поради глобалните предизвици, Владата постигнува конкретни резултати во економијата, обезбедувајќи најниска инфлација и меѓу највисоките стапки на економски раст во Европа. Ова го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју за телевизија Алсат.
Според премиерот, земјата во вториот квартал од 2026 година се рангира меѓу првите пет држави во Европа според растот на бруто-домашниот производ (БДП), кој изнесува 4,3 отсто. Дополнително, позитивните економски трендови продолжуваат и во третиот квартал, каде што во јули и август е забележан побрз раст на извозот во однос на увозот.
„Свесен сум дека ќе бидам под постојана критика, но ние веќе осум-девет квартали се наоѓаме во горната половина од европските земји според економскиот раст“,
посочи Мицкоски.
Во однос на ценовните притисоци и животниот стандард, премиерот нагласи дека инфлацијата во третиот квартал од годинава (јули, август и септември) е за 25 отсто пониска во споредба со европскиот просек.
Мицкоски направи паралела со кризната 2022 година, посочувајќи дека сегашната влада значително подобро се справува со предизвиците во споредба со претходната власт.
„Во третиот квартал од 2022 година инфлацијата во Македонија беше околу 17 отсто, односно дури 67 проценти над европскиот просек. Ако просекот во Европа е 10 запирка нешто проценти, кај нас просекот, инфлацијата тогаш била околу 17 проценти. Денеска инфлацијата во третиот квартал 2026-та во Македонија е за 25 отсто пониска од европскиот просек. Ако денеска просекот јули, август и септември е некаде околу 2 и пол, 2,57, а европскиот просек е некаде меѓу 3 и 3,3 проценти тогаш доаѓаме до заклучокот дека во 2022-та во третиот квартал цените во Македонија биле за 67 проценти повисоки во однос на Европската Унија“,
нагласи тој.
Премиерот додаде дека иако има уште многу работа за подобрување на стандардот на сите граѓани, сите статистички параметри потврдуваат дека економските услови и управувањето со кризите денес се неколкукратно подобри во споредба со пред четири години.
