Велигден е најголемиот христијански празник. Велигден е ден за нашите семејства, за нашите најблиски, ден за сите нас. За жал, овој Велигден Македонија го дочекува во тешка здравствена и економска криза, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во велигденската честитка, посакувајќи им брзо закрепнување на заболените од ковид-19.
Во честитката тој порачува дека сега не е време за политика, но ја критикува власта за справувањето со кризата.
„Десетици илјади семејства секој ден ја губат својата работа поради економската криза. Десетици илјади луѓе остануваат без сигурно работно место и без плата. Остануваат без сигурна егзистенција за себе и за своите најблиски. За жал, власта потфрли во справувањето со економската криза. Потребна е поддршка за македонската економија, за да се зачуваат што повеќе работни места. Исто така, потребна е посилна здравствена битка“,
вели Николовски.
На крајот од своето видео-обраќање тој порачува дека е потребно секој да даде свој придонес и сите да останат дома и да го спречат ширењето на вирусот.
„На овој Велигден ви посакувам следниот да го дочекате многу повесели, понасмеани и порадосни. Нека биде добро за сите. Јас сум сигурен дека Македонија ќе победи! Сите ние заедно ќе победиме и поубави денови ќе дојдат за Македонија“,
порача Николоски.