Ексминистерката за внатрешни работи низ призмата на случаите „Таргет-Тврдина“, во кој е сè уште е на обвинителна клупа, и „Тенк“, за кој издржува четиригодишна затворска казна за набавката на „мерцедесот“, дава свое видување, со оглед дека е правник по професија, на неодамнешните измени на КЗ, кои кренаа прав во јавноста и како тие ќе се одразат на предметите во кои таа, но и другите обвинети се засегнати
Членот 353 од Кривичниот законик беше член по кој одговараа сите поранешни функционери и сега и во минатото, сè до неговата измена, вели поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчеравечер (2 октомври 2023 г.) на МРТ 1.

Јанкулоска, низ призмата на случаите „Таргет-Тврдина“, во кој е сè уште на обвинителна клупа, и „Тенк“ за кој издржува четиригодишна затворска казна за набавката на „мерцедесот“, дава свое видување, со оглед дека е правник по професија, на неодамнешните измени на КЗ, кои кренаа прав во јавноста и како тие ќе се одразат на предметите во кои таа, но и другите обвинети се засегнати.
Суштината на измените, конкретно на членот 353 кој се однесува на делото злоупотреба на службената положба и овластување, според ексминистерката, оди подлабоко од висината на казните, односно нивното намалување и воведување на горна граница, наратив кој, како што вели Јанкулоска, е доминантен во јавноста.
На прашањето за нејзините очекувања за натамошниот тек на „Таргет-Тврдина“, таа вели дека не знае како и дали ќе продолжи тој предмет понатаму, затоа што со измените на Кривичниот законик „направена е целосна преформулација на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Во јавноста многу внимание се посвети на висината на казните, меѓутоа висината на казните е политика на властите. Власта одлучува каква ќе биде казнената политика, дали ќе биде строга, дали ќе биде полиберална, кога ќе ја заостри, кога ќе ја попушти и тоа е да речам едно техничко прашање. Меѓутоа, она што се случи со измените на Кривичниот законик и она што јас го гледам како суштина е измената во делот на описот на дејствието, односно она што се нарекува битие на кривичното дело. Членот 353 злоупотреба на службената положба и овластување кој согласно податоците од она што јас сум го прочитала како таков го нема никаде во земјите членки на Советот на Европа и тоа не е случајно. Зошто е тоа така? Затоа што тој член и во минатото и до неодамна секогаш беше користен како параван за поднесување обвиненија каде што и не е до крај јасно што е точно тоа што е незаконито“,
вели Јанкулоска.

Станува збор за, додава таа, една „бланкетна норма“, која сама по себе беше недоволно прецизирана.
„За тоа има пишувано еве и ако сакате и академикот (Владо) Камбовски во Коментарот на Кривичниот законик, кој е можеби најчесто користената литература на кривичарите, каде што вели дека тоа е бланкетна норма, сама по себе не може да повлече одговорност и мора да упатува на друга казнена одредба“,
вели поранешната министерка.


Навраќајќи се повторно на „Таргет-Тврдина“, таа вели дека во нејзиниот случај не само што дејствието за кое ја товари Обвинителството не потпаѓа под овие критериуми, туку не упатува ниту на друга казнена одредба.
„Знаете, нема казна без закон. Тоа е начело кое е универзално во правото и Европскиот суд за човекови права во 2020 година токму по однос на ова прашање има издадено советодавно мислење каде што вели дека правните норми од овој тип кои се недоволно прецизни и јасни или како што вели поранешниот министер за правда професорот (Никола) Тупанчески, се толку еластични, до степен на злоупотреба, не може да се сметаат за квалитетен закон, затоа што една таква правна норма никогаш не го дава одговорот што е точно тоа што е казниво и ја нема потребната предвидливост“,
вели ексминистерката.
Најавите кои доаѓаат од Обвинителството дека случаите чија судбина виси на конец поради измените на КЗ ќе се спасуваат со преквалификација на делата, за Јанкулоска се под границата на можностите што ги дозволуваат законите.
„Со измените на КЗ во членот 353 за разлика од членот 394 кај злосторничкото здружение, не се сменети само казните, таму е целосно избришан стариот член 353 – злоупотреба на службена положба и овластување и е заменет со нов, со нови дефиниции. Така што, она што сакаат да го наметнат сега претставниците на обвиненијата дека ќе се прават некакви преквалификации не знам дали е возможно, затоа што Законот за кривична постапка (ЗКП) такви преквалификации не дозволува. Дозволува преквалификација само ако во текот на доказната постапка од изведените докази произлегла поинаква фактичка состојба. Па, овде тоа не е случај, постапката се води по втор пат, фактичката состојба и она што е теорија на случај на обвинителот е иста, и во првиот и во вториот случај“,
вели таа.
За поранешната министерка ова се фактите и меѓународното искуство.
„…И ние ако сакаме Македонија да биде едно пристојно општество мораме да настојуваме да бидеме во редот на оние држави каде што нема да има простор за политички прогон. Членот 353 беше член по кој одговараа сите поранешни функционери и сега и во минатото, се до неговата измена“,
посочи Јанкулоска.
На забелешката на нејзиниот домаќин дека некој слушајќи ја ќе каже зошто овој ум Јанкулоска го немаше кога беше министерка, а во смисла на нејзината елаборација, таа низ насмевка рече дека „имот е истиот, можностите да го презентирам не биле истите.
„Ова е стручна елаборација, кога сте политички функционер ги кажувате позициите на владата“,
додаде таа.
На опаската дека тогаш (кога партиите се на власт) имаат интерес за политички прогон, Јанкулоска вели дека не се работи за интерес за политички прогон, туку „јас зборувам за отворен простор за политички прогон“.

Според неа преформулирањето на членот 353 од КЗ е „еден нов квалитет што се додава“.
„Значи тоа беше формулација во која може да бидете кривично гонет и осуден како во случајот „Тенк“, каде што никој не е оштетен и каде што ве гонат за јавна набавка која не сте требале да ја спроведете. Знаете, премногу е чиста ситуацијата и во овој случај навистина мислам дека преформулирањето на членот 353 е еден нов квалитет што се додава. А дебата која се води за висината на казните тоа е сосема друго прашање за кое јавноста очигледно покажа поголем интерес“,
е ставот на ексминистерката.
На прашањето дали според неа е во ред дузина предмети да застарат без да добијат класичен судски епилог, и дали тоа е многу лоша порака до општеството дека високите функционери продолжуваат да бидат неказнувани, Јанкулоска обидувајќи се да се апстрахира од нејзиниот случај, проблемот го сублимира во прашањето: „Зошто тие случаи останале досега неразрешени?“
„Па, знаете, тие случаи, најголем дел од нив, не зборувам за овие неколку за функционери од актуелната владејачка структура, тие се бројат на прсти, а има стотици други случаи кои се останати неразрешени, поминати се пет, десет, петнаесет години откако се иницирани тие постапки. Па, што е тоа што можете да го докажете за 10 години, а не може да го докажете за пет“,
вели таа.
Тука, според неа, некој друг правел калкулација заради која некои случаи ја добиле динамиката која ја добиле, а други не.
„Ќе се апстрахирам, но пак ќе го спомнам мојот случај каде што судењата се одвивале буквално секој ден до 20 до 22 часот, а во други случаи постапката почнувала од почеток по три, пет, седум пати. Па, како е тоа можно. Значи и обвинителот и судот имале некаков придонес. Па, очигледно не траат сите постапки толку долго. Постапката во која мене ме осудија траеше не повеќе од еден месец ефективно, секојдневно судење без прекини без паузи. Дури и Коалицијата ‘Сите за правично судење’, во еден од своите извештаи имаше забелешка за времетраењето на рочиштата по однос на овој предмет“,
посочи Јанкулоска во интервјуто.
Потсетена дека тема беа другите предмети, таа рече дека за нив не ги знае спецификите и повторно се наврати на нејзиниот случај, наведувајќи дека, според неа, имаме примери и случаи кога некој има личен интерес, бидејќи, како што рече судиите токму во тој предмет се „вивнаа високо во своите кариери, откако го завршија“ (предметот го судеше во првостепена постапка во судеше судијката Добрила Кацарска, која сега е претседател на Уставниот суд).
„Може и поинаква динамика, јас не велам дека ниеден предмет треба да има таква динамика, бидејќи тоа е спротивно на правото на правично судење, меѓутоа динамиката ја диктираат сите учесници во постапката. Зарем не се прашувате зошто на некој обвинител му биле потребни десет години за да одлучи дали треба да има кривично гонење, па за десет години двапати се сменила владата. Значи некој правел некаква калкулација по однос на одредени обвинети и по однос на определени обвиненија. Казните, да, можат да бидат и пократки и подолги, меѓутоа верувајте секое лишување од слобода е казна доволно строга сама по себе. Така што казна од пет години затвор или казна од три години затвор, па тоа воопшто не е мала казна, доколку се изрече“,
рече ексминистерката.
Досега, според неа, имавме случаи каде биле одбрани неколку индивидуални примери за дисциплинирање на поединци и испраќање порака кон општеството.
„Еве размислете, освен јас од тоа политичко ниво има ли друг функционер што бил осуден и издржал казна затвор, Миле Јанакиески секако, јас сум во последната четвртина. Дали некогаш министер од било која друга владејачка гарнитура бил осуден за случај каде што на никого не му е направена штета, за јавна набавка која не требало да ја спроведе. Нема таков случај“,
рече Јанкулоска.
Продолжувајќи во контекст на случајот „Тенк“, таа посочи дека во него нема ниту оштетно побарување, ниту некој се легитимирал како оштетен.
„Впрочем тоа се гледа и од пресудата, ниту пак постапката за која Обвинителството направи толкава фама е постапка што требало воопшто да се спроведува, бидејќи тогашниот Закон за јавни набавки во членот 7 предвидел дека за таков тип на набавки воопшто не треба да се спроведува тендер“,
посочи Јанкулоска.
Прашана повторно за очекувањата што ќе се случи со обвинението кое се однесува на неа во случајот „Таргет-Тврдина“, таа го повтори своето мислење дека идејата да се направи преквалификација е тешко изводилива.
„Ако се држиме до словото на законот таму нема простор да гоните за нешто друго. Теоријата на случајот е дадена во обвинителниот акт. Јас сум обвинета за помагање при уништување на опремата (за следење на комуникациите) и апсурдот да биде уште поголем Обвинителството тврди дека јас свесно сум имала волја да им помогнам на оние што ме прислушувале над 700 дена. Јас сум имала некаков интерес, волја, мотивација да им помогнам на тие што ме прислушувале? Па, ако некој има интерес и мотивација тие што прислушувале да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат и заради мене и заради сите други прислушувани тоа сум јас“,
подвлече Јанкулоска во овој дел од интервјуто за „360 степени“.
Инаку, што ќе се случува со предметот „Таргет-Тврдина“ и каков тек ќе има процесот по измените во КЗ, треба да биде познато веќе утре.
Претходното рочиште кое требаше да се одржи на 19 септември беше одложено на барање на Обвинителството за да може да донесе јавнообвинителска одлука како понатаму со предметот.
„Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од него и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа“,
наведоа од Јавното обвинителство во поднесокот до судот, информираше тогаш судијата Илија Трпков, кој претседава со судечкиот совет во „Таргет-Тврдина“ во повторениот процес, откако првичната пресуда на Кривичен беше укината од скопска Апелација.
За утре (4 октомври) е закажано рочиштето, на кое треба да биде познато каква јавнообвинителска одлука донело Обвинителството.
„Да видиме што ќе прецизираат од Јавното обвинителство и како ќе се осврнат на правната квалификација“,
рече на 19 септември судијата Трпков.