„ДУИ пишти затоа што МЕПСО почна да ги прекинува старите шеми. Пиштат затоа што се отвори прашањето како со години од МЕПСО се влечеле пари преку блиски фирми, блиски луѓе и блиски кругови до врвот на ДУИ“, се вели во соопштението од коалицијата

ДУИ повторно лаже, манипулира и ја потценува јавноста. Ова е реакцијата од коалицијата ВЛЕН на денешните обвинувања од ДУИ кои рекоа дека има нов случај на корупција и партиско фаворизирање во државната компанија МЕПСО.
Според ВЛЕН, во случајот со тендерот во МЕПСО не станува збор за корупција. Од коалицијата тврдат дека на тендерот е избрана најевтината понуда, која била драстично пониска од конкуренцијата.
„Избраниот понудувач дал цена од 184 535 денари без ДДВ, додека следнорангираната понуда била 651 165 денари без ДДВ. Разликата е 466 630 денари, односно избраната понуда е околу 72 проценти пониска“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.
ВЛЕН ги отфрла тврдењата на ДУИ како манипулација, појаснувајќи го договорот:
„ДУИ намерно ја меша рамковната вредност со понудената цена. Ова е рамковен договор, а не автоматска исплата. Максималната вредност не значи дека ќе се искористи целата сума, ниту дека парите однапред се исплатени. Нарачките се реализираат по потреба, поединечно и според реално извршени работи. Но овој пат по многу пониски цени, за разлика од времето во кое тие управуваа“,
додаваат од ВЛЕН.
Според коалицијата, вистинската причина за нападите од ДУИ е прекинувањето на старите бизнис-врски во МЕПСО. Тие го споменуваат раскинувањето на претходни договори во кои, како што велат, биле инволвирани луѓе блиски до врвот на ДУИ.
„ДУИ пишти затоа што МЕПСО почна да ги прекинува старите шеми. Пиштат затоа што се отвори прашањето како со години од МЕПСО се влечеле пари преку блиски фирми, блиски луѓе и блиски кругови до врвот на ДУИ“,
се вели во соопштението на ВЛЕН.
Од коалицијата бараат ДУИ да одговори кој имал интерес од старите договори, кој денес ги брани тие шеми и зошто пиштат како некој да им брцнал во џебот?
„ДУИ нема кредибилитет да зборува за транспарентност. Тие се симбол на партизација, клиентелизам и претворање на јавните претпријатија во партиски плен. ВЛЕН нема да се повлече пред нивните лаги. Институциите не се приватна сопственост на ДУИ. МЕПСО нема повеќе да биде банкомат за партиски и семејни интереси“,
нагласуваат од ВЛЕН.
Од Демократската унија за интеграција денеска преку соопштение обвинија за сомнителен тендер доделен на компанијата „Green Maintenance“, за која тврдат дека е поврзана со активисти на коалицијата ВЛЕН.
Од ДУИ посочуваат дека компанијата „Green Maintenance“ е формирана само неколку недели пред распишувањето на тендерот за чистење на коридорите под далноводите. Иако без претходна работна историја, фирмата успеала да добие договор вреден 236 000 евра.
